Опозицискиот табор потврди соработка и најави ново парламентарно мнозинство

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Поминаа четири дена од кампањата за вториот круг на Локалните избори 2021, а кандидатите за градоначалници и лидерите на поголемите партии полека ги зголемуваат своите активности.

Партиите од владејачката коалиција потврдија дека владиното мнозинство останува стабилно и сплотено и дека ќе ги поддржат нивните кандидатите за градоначалници во вториот круг, а истото го направија и партиите од опозицијата. Вчера официјална средба во Собранието имаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, на која ја потврдија заемната поддршка за нивните кандидати во вториот круг. Ден претходно Мицкоски имаше телефонски разговор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на кој исто така беше потврдена соработката за вториот круг.

Од опозицискиот табор велат дека работат на ново парламентарно мнозинство кое го најавуваат по вториот круг на изборите, а од владејачкиот табор порачуваат дека актуелното мнозинство е стабилно и дури најавуваат и негово окрупнување.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Радовиш порача дека новата иднина е на дофат, потребен е само уште еден исчекор, уште еден значаен потег, гласањето на 31 октомври на кое, како што рече, граѓаните ја имаат моќта и силата. Додаде дека новата иднина не е само испишаното во програмата на ВМРО-ДПМНЕ туку е бедем, тврдина на принципи и морал кој сакаат да го внесат во македонската политика.

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Данела Арсовска беше на средба со сопственици на индустриски објекти во општина Аеродром каде им вети дека ќе има 24 часа достапна општинска канцеларија за сите нивни потреби, со што ќе ја завршуваат работата без губење време и непотребни чекања. Заедно со новоизбраниот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски се сретна и со повеќе граѓани од општината и ги повика да се приклучат кон промените за подобро, модерно и европско Скопје.

Уште еднаш истакна дека со отпочнување на нејзиниот градоначалнички мандат ќе биде градоначалник кој во договор и соработка со жителите ќе ги реализира решенијата за сите проекти кои се од суштинско значење за подобрување на функционирањето на главниот град, а фокусот ќе биде квалитетна инфраструктура, решавање на сообраќајот, повеќе зелени површини и брз, безбеден и квалитетен јавен превоз, како нејзини главни приоритети.

–Токму овде во Аеродром, заедно со вашиот градоначалник од општината ќе го изградиме Скопје ИНОПАРК со цел искористување на потенцијалите на ИТ-индустријата и за економско јакнење на општината, но и на градот. Со овој проект, ќе бидат искористени потенцијалите на ИТ индустријата во Скопје, но и ќе им се овозможат на младите луѓе услови за професионален раст и можности за економско јакнење, рече Арсовска.

Кандидатот на СДСМ и коалицијата и актуелен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов порача дека граѓаните нема да дозволат државата и Град Скопје да се враќаат назад. Нивната порака, нагласи, ја примивме и постапуваме, дополнително имаме окрепнување на гласовите со потврда од сите партии кои се дел од владината коалиција и неспорно е дека мнозинството граѓани ќе го одберат развојот на Град Скопје.

Државната изборна комисија (ДИК) вчера на јавна седница со 4 гласа „против“ и 3 „за“ го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за нивните забелешки за гласањето во првиот круг на Локалните избори на избирачкото место 543 во Дебар. Претставникот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Претседателот на ДИК Александар Даштевски рече дека Државната изборна комисија ќе формира комисија која ќе изврши увид во целокупниот избирачки материјал од избирачкото место 543 во Дебар и откако таа ќе ги добие решенијата ќе се закаже седница за што јавноста ќе биде навремено информирана.

ДИК вчера не го прифати ниту приговорот на Движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, а ги отфрли и приговорите на Демократската партија на Турците. Одбиени беа и сите шест приговори на Левица, од кои четири за Штип и два за Кисела Вода, поради тоа што партијата во прилог не доставила материјални докази. Отфрлен е и приговорот на партијата Твоја поради тоа што е поднесен по рокот.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, пак, ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на Локалните избори.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This