дома Европа ОРБАН: Доаѓа ново време во Европа наместо отворените општества

ОРБАН: Доаѓа ново време во Европа наместо отворените општества

Европската унија се движи во погрешна насока, но постои начин тој блок да се реформира и „Европа повторно да биде голема“, рече денеска премиерот на Унгарија Виктор Орбан, јави агенцијата МТИ.

Орбан истакнал дека главното прашање е до која мера Европа е подготвена да се прилагоди на новто време.

-Наместо отворени општества, луѓето сакаат демократско општество во новото време „кое тропа на вратата на Европа“, вели Орбан.

-Работите во Брисел не само што одат кон лошо, туку одат во погрешна насока, додава тој.

Пред 20 години Европа имаше многу амбициозни цели, но ниту една од тие цели не се исполни, рече премиерот на Унгарија, наведувајќи ги евроазискиот трговски договор и независната политика на безбедност на Европа, кои никогаш не се остварени.

-Наместо да учат од економскиот успех на Кина и другите азиски држави, Европа се обидува да се убеди себе си дека тоа што таму постои е само привремено или нема основа, рече Орбан.

Претседателот на САД Доналд Трамп даде историска изјава, велејќи дека правото на секоја земја е да се стави на прво место, вели Орбан додавајќи дека наскоро ќе има промена и дека ерата на мултилатеризмот е при крај.

-По економската криза во 2008 година, дојде до невидена смена во светската политика и не постои консензус за тоа како ќе изгледа новата политичка структура на светот, вели тој.

Европа е едвај подготвена да се носи и да влијае на проблемите во регионот, а не пак со војните во Сирија и Украина, осудува Орбан.

Додава дека економскиот раст во Европа нема да помине 1-2 отсто во наредните неколку години.

-Европа ќе го изгуби статусот на глобален играч и ќе премине на регион, каде ќе има проблем да го задржи влијанието на подолго време, додава тој.

Орбан рече дека Европа ги фокусирала своите сили на погрешни цели, станувајќи роб на утописки идеи на наднационална Европа.

Заклучи дека не постои еден европски народ, туку нации и дека Европа покажувала самодоверба кога имала повеќе центри на моќ, со цел да покаже дека е подготвена да се заштити себе си без надворешна помош, што на Европа би и дало можност да преговара како еднаков партнер со сите, вклучувајќи ја и Русија.

Мора да се постигне нов договор со САД, како и можност да се отворат преговори со Кина, а проблемот со Русија треба да се стави на агенда, вели Орбан, пренесува Танјуг.