дома Македонија Остра реакција на угостителите за владините мерки

Остра реакција на угостителите за владините мерки

Во денешното соопштение од Комората се наведува дека секоја одлука и измени на Одлуката за превентивни препораки за постапување за заштита од COVID-19 со кои се ограничува работното време на угостителските објекти е неуставно.

– Работното време на угостителските објекти е утврдено во членот 23 од Законот за угостителска дејност, кој закон не е ниту укинат, ниту суспендиран во моментот. Ниедна одлука на Владата, ниту нејзина измена за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од COVID-19 со која се носат препораки и протоколи за ограничување на работното време за работа на угостителските објекти кое работно време е утврдено со важечки закон е неуставна, велат од Комората.

Додаваат дека очекуваат покана од Владата за учество во креирањето на петтиот сет мерки за поддршка на угостителската индустрија.

– Веруваме дека Владата преку Министерството за економија и Министерството за финансии во целост ќе ја преземат обврската и одговорноста за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата COVID-19 и ќе креираат безусловни посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош на угостителите. Угостителската индустрија нема време за чекање и со цел угостителите да ги сочуваат сите работни места на угостителските работници очекуваат веднаш и итно Владата да донесе одлука за продолжување на мерката субвенција на бруто плати од почетокот на јануари 2021 годинa со траење сè додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до званично завршување на пандемијата COVID-19, се вели во соопштението.