дома Македонија Пендаровски: И да се формира политичка влада во Бугарија спopoт нема да...

Пендаровски: И да се формира политичка влада во Бугарија спopoт нема да се реши, нивните ставови не се променети

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашната емисија „360 степени“ зборувајќи за отворените прашања што земјава ги има со Бугарија, истакна дека отсуството на политичка влада во Бугарија не е единствениот проблем зошто спорот не се надминува.

„Прво не знаеме кој ќе биде во новата влада. Самиот чин на правење политичка влада нема да гарантира дека ќе го решиме проблемот за 24 часа. Не знаеме кој ќе влезе. Од овие што се претенденти да влезат дури и новите партии кои се појавија последниве месеци може да бидат дел, дури и да предводат за влада, а нивните ставови се непроменети во однос на таа декларација изгласана во бугарскиот парламент за позициите на нивната поранешна влада“, вели Пендаровски.
Тој рече дека пред 15 дена бугарското МНР испратило допис во рамките на ЕУ со образложение зошто тие не можат да дадат зелено светсло за земајва да стартува преговори со Унијата.

„Има серија на такви дописи, но еве да го земеме последниот во кој се образложува не само дека службената влада во Бугарија не може тоа да го направи според Устав и закон, иако можат, туку тие на уште три-четири страни образложуваат историски моменти, дополнувајќи дека ние не сме го исполниле Договорот за добрососедство од 2017 година, па се споменува говор на омраза… Во Бугарија се формираше еден општ консензус, и сега и службената влада ја следи реториката на претходната политичка влада и тешко е да се излезе од тоа“, рече Пендаровски.
Тој рече дека не само што сега Бугарија нема политичка влада, туку Собранието е распуштено, а во ноември следуваат и претседателски избори, а актуелниот претседател има поднесено кандидатура за реизбор. Со ова, практично, тој и да сака да смени нешто, не би можел.