дома Актуелно ПОЛИТИЧКИТЕ ЛИДЕРИ НЕМА ДА ПРИСУСТВУВААТ: Стево Пендаровски свика Совет за безбеднocт

ПОЛИТИЧКИТЕ ЛИДЕРИ НЕМА ДА ПРИСУСТВУВААТ: Стево Пендаровски свика Совет за безбеднocт

Партиските лидери не се официјално повикани на утрешната трета седница на Советот за безбедност, која претседателот Стево Пендаровски ја свика за ситуацијата со корона вирусот во земјата. Покрај стандардниот состав на ова тело, поканет е само министерот за здравство, Венко Филипче.

Се очекува на седницата да учествуваат техничкиот премиер Оливер Спасовски, претседателот на парламентот Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, началникот на ГШ на Армијата, како и тројцата надворешни членови назначени од Пендаровски: Трајан Гоцевски, Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски свикал проформа Совет за безбедност, без покана за политичките лидери.

Се очекува на седницата да бидат разгледани сите аспекти на ситуацијата со корона вирусот, вклучително со нејзините импликации на политичките процеси во земјава, со оглед на изборниот процес кој е на половина пат.

Во обраќањето во петокот, Пендаровски изјави дека се надева оти нема да има потреба од прогласување вонредна состојба поради пирење на корона вирусот. Сепак, остави простор да види какви ќе бидат информациите до понеделник, кога ќе заседава Советот за безбедност.