дома Европа Поради бeзбeдносни причини Ердоган го откажа присуството на климатскиот самит

Поради бeзбeдносни причини Ердоган го откажа присуството на климатскиот самит

Турскиот претседател Таип Ердоган ги откажа плановите за учество на климатската конференција ЦОП26, откако Велика Британија не ги исполни турските барања за безбедносни аранжмани, изјавија во понеделникот двајца турски претставници за Ројтерс.

Ердоган се врати во Турција од самитот на Г20 во Рим наместо да патува на климатскиот самит во Глазгов, јави државната агенција Анадолија. Турското претседателство не ги наведе причините за неговото непланирано враќање.

Официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека имало проблеми со протоколот околу планираното присуство на претседателот на состанокот. Друг турски функционер рече дека британските власти не ги исполниле барањата на Турција во поглед на протоколи и безбедност.

„Претседателот ја донесе таа одлука бидејќи нашите барања во врска со бројот на возила и некои други безбедносни барања не беа целосно исполнети“, изјави висок функционер за Ројтерс.

Претходно се очекуваше Ердоган да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, но тие се сретнаа во Рим во неделата.

Минатиот месец турскиот парламент го ратификуваше Парискиот климатски договор, со што стана последната земја од Г20 што го стори тоа.

Турција со години ја одложуваше ратификацијата, велејќи дека не треба да се смета за развиена земја.

Ердоган минатата недела рече дека Турција потпишала меморандум за разбирање според кој ќе добие заеми во вредност од 3,2 милијарди долари, а кои ќе ѝ помогнат да ги исполни целите врзани за чиста енергија поставени со Парискиот договор.