Последната светлина како животна надеж – Peцензија на “Last light“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Имав прилика да го гледам краткиот филм “Last light“, од Јован Саркањац(автор на сценариото и режисер), во кој главната улога ја толкува Лазар Христов. И пред да почнам да го гледам филмот веќе на еден начин бев пријатно изненаден од плакатот. Невиден минимализам и извонреден брендинг. Го пуштам филмот, ги гледам првите кадри, приказната сé уште не започнала да се одмотува, а јас веќе бев возбуден. Темен простор…мрак, свеќа која гори…жилет…младо момче….и писмо за збогум. Знаев дека нема да одолеам на предизвикот да чкртнам некој збор за филмот, за младиот сценарист и режисер Јован Саркањац, па и за целата филмска екипа во и околу филмот.

Некои моменти во животот и содржините што тие ги исполнуваат понекогаш добиваат многу интересен духовен патос и посебен емоционален капацитет. Истовремено имаат и зачудувачка и/рационална нишка, што едноставно, не можат да потонат зад хоризонтот на заборавот. Напротив, тие остануваат во нашето помнење, го дразнат нашето рацио и нé тераат на размислување. Ете, токму таков е филмот “Last light“. Филм кој нé наведува да мислиме на последната животна светлина, на смислата на нашиот живот и вреди ли и колку да се опстојува во оваа грда реалност. Реалност како “ново нормално“.

Авторот на сценариото и режисер на филмот, Јован Саркањац, најверојатно инспирацијата за оваа фабула ја барал и ја нашол во потемните дамари од душата. Тој е млад, ама се гледа дека има интересен поглед на безизлезните животни ситуации. Создал приказна која е интересна, а пред се набиена со високо ниво на суспенс. Прави обид, успешен обид, преку “последна светлина“ да ни долови барем малку содржина произлезена од Пандорината кутија. Главниот актер, Павел, го сместил во темен, дури и мрачен простор – недефиниран. Ни доловува една надреална ситуација на млад човек – темен простор кој е неговиот мал свет. Во тој простор, во таа митска кутија, ги слушаме гласовите на злото – како гласови на ништавилото на смртта. А таа како и секогаш предизвикува. Дали да…? Дали не…? На моменти руморот и мрморењето на гласовите е толку силен, што Павел почнува да пишува писмо за збогување, а и жилетот е тука, во игра – до последен момент. Би се рекло до последниот зрак светлина(животна). Павел забрзано пишува, а свеќата догорува. И тука е сместена дилемата: светлината, од факелот на огнот на Прометеј, или пак темнината, ништавилото на Пандорината кутија. Секој еден што ќе го изгледа овој извонредно интересен краток филм, сам ќе просудува каков ќе биде изборот на младиот човек во депресија, т.е. каква ќе биде неговата конечна одлука.

Звукот, т.е. неодредениот глас што Павел го слушна, како да го изненади. А дали ќе го премисли? Може ли ништавилото на смртта да ја победи желбата за живот? Е тоа никој не го знае. Само може секој за себе да претпоставува. Кога го гледаме филмот имаме неодоливо чувство дека одиме по патот на бизарното, на ништавилото, на бесмислата. Пат по кој тие не водат кон смртта. На тој пат гледаме нешта што не вџашуваат, нешта од кои смислата на животот ни се замаглува. Тоа е згрозувачки. Ама на самиот крај слушаме недефиниран глас, кој дава надеж, надеж животот да продолжи.

Инаку, филмот има одличен саунд дизајн, камерата е извонредно стабилна, фотографијата мистериозно привлечна, а светлото неверојатно: играта на мрак и светлина, доаѓа само од свеќата која гори. За мене, досега не видено. Како круна на сé е музиката на филмот – повеќе од оригинална. Овој краток филм не може да се прераскаже на успешен начин. Треба да се види, да се слушне и да се доживее. За крај: Може ли ништавилото на смртта да ја победи желбата за живот?
За мене гледањето и доживувањето на филмот “Last light“ беше прекрасно задоволство. Филмот го доживеав како мало уметничко ремек-дело.

Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This