дома Хроника Почина новинарот Ристо Поповски, основачот на Макфакс

Почина новинарот Ристо Поповски, основачот на Макфакс

Ристо Поповски, еден од најпознатите македонски новинари, почина вчера на 74 години, по кратко боледување.

Во долгата и богата кариера, Поповски работел како новинар за Радио Скопје и новинската агенција Танјуг, а бил и дописник од Москва за време на историските промени на почетокот на 90-тите години.

Во 1992 година Поповски ја основал независната новинска агенција Макфакс, првата приватна новинска агенција во поранешна Југославија.

Своите новинарски ставови како коментари ги објавуваше и во неделникот Глобус и дневниот весник Слободен печат, а беше и коментатор од Македонија за Ал Џазира Балканс. Добитник е на Наградата за животно дело на Здружението на новинари на Македонија.

Поповски беше и еден од иницијаторите за основање на платформата ЦИВИЛ – Центар за слобода и голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.