дома Балкан ПОЧНУВА ЛОВОТ ПО „КРСТО И БЕТИ“ ВО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Исклучени пратеници од...

ПОЧНУВА ЛОВОТ ПО „КРСТО И БЕТИ“ ВО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Исклучени пратеници од партии, растурени пратенички групи во пресрет на гласањето за договорот од Преспа во грчкиот парламент

Претседателот на Демократска левица, Танасис Теохаропулос, е избришан од пратеничката група на Движење на промена во кое коалицира заедно со ПАСОК поради неговиот став да гласа за ратификација на Договорот од Преспа.

Ставот на господинот Теохаропулос да гласа за Договорот од Преспа, објективно му служи на господинот Ципрас и неговите планови и овој став не може да биде прифатен, соопштуваат од Движење на промена за одлуката на лидерката Фофи Генимата да го избрише Теохаропулос.

Од Демократска левица коментираат дека нивната позиција им служи само на националните интереси.

Пратеникот Јоргос Амирас го најави заминувањето од пратеничката група на Река поради несогласувањето со партиската линија во однос на Договорот од Преса и веќе е независен пратеник, јави дописничката на МИА од Атина.

-Не можев да постапам поинаку кога во следните денови ќе требаше како претставник на пратеничката група на партијата јавно да говорам во името на партијата во која водечките членови имаат спротивна позиција од мојата лична позиција за едно важно национално прашање, вели Амирас во писмената изјава.

Со неговото заминување и по бришењето на Спирос Данелис од Река, пратеничката група на партијата останува со четири пратеници.