дома Uncategorized Празник на првиот Господов апостол Свети апостол Андреј Првоповикан

Празник на првиот Господов апостол Свети апостол Андреј Првоповикан

Во народниот говор името Андреј асоцира на нешто јадро (крупно) па поради тоа е поврзано со верувањето дека од тој датум денот наедрува, се зголемува. Свети Андреј, брат на апостолот Петар, бил ученик на св. Јован Крстител. Тој е првиот што го повикал Исус, оттука е наречен Првоповикан.
Именден празнуваат: Андреј, Андреја, Андријана…

Првиот Христов апостол св. апостол Андреј наречен Првоповикан има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и со неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.

Роден е во Витсаида на брегот на Генизаретското Езеро и е роден брат на св. апостол Петар. Тие биле рибари и ловеле риби во Генизаретското Езеро. Најпрвин св. ап. Андреј бил ученик на св. Јован Крстител, а кога Јован покажувајќи кон Исус рекол: „Еве тоа е јагнето Божје што ги собира сите гревови на овој свет“ тогаш Исус го повикал, оттука и е наречен Првоповикан. Андреј станал прв Исусов ученик и никогаш повеќе не се одделил од него. Легендата раскажува дека еднаш додека Андреј и Петар ловеле риби на езерото тука минал Исус и им рекол: „Дојдете со мене, јас ќе ве научам да ловите луѓе“. Оттогаш Андреј е неразделен од Исуса. Присуствувал на сите големи настани поврзани со Исус Христос, потоа кога Исус им се јавил на апостолите по Воскресението, на Вознесението, како и на слегувањето на Светиот Дух.