дома Македонија ПРИБЕ: Во Македонија не функционираат владеењето на правото и демократските институции

ПРИБЕ: Во Македонија не функционираат владеењето на правото и демократските институции

Експертот Рајхард Прибе нагласи дека извештајот што го направи за Македонија, по кризата со прислушувањето беше насочен кон воспоставуање на владеењето на правото и судскиот систем, а не беше против одредена политичка опција.

Прибе, кој беше дел од петчлената експертска група, врз основа на чии извештаи се градеа темелите на реформите, што во земјава се спроведуваат по кризата и скандалот со прислушувањето, смета дека направен е напредок со Договорот од Преспа, но дека значителни недостатоци во влаеењето на правото.

-Работеше тим од пет експерти и се надевам дека тие извештаи помогнаа за да се разјасни ситуацијата и да се донесат правилни одлуки. Сега во фокусот на ЕУ се судските реформи, сите овие напори се насочени да и помогнат на земјата во воспоставување на владеењето на правото и особено на судство на здрави темели. Овој реформски процес најпрво е во интерес на вашата земја и не треба да се гледа како нешто што треба да ја задоволи ЕУ. – рече Прибе.
Тој напомена дека прогрес е направен и оти во моментов е потребно да се надмине длабоката политичка поделеност во земјата со консеузус за тоа што е потребно за да се направи прогрес.

Како исклучителен го оцени Договорот со Грција за решавање на името, а за премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас рече дека покажале огромна храброст.

Прибе изрази задоволство и од Договорот за добрососедство со Бугарија и додаде дека нема сомнение оти консолидацијата со две земји-членки на ЕУ ќе ја движи земјата напред кон нејзината ЕУ агенда.

Сепак тој напомена дека постои свест дека има значителни недостатоци на владеењето на правото и функционирањето на демократските институции, што како што рече се главните прашања, кои го засегнаат Брисел и сите земји членки.

ЕУ не е рај на земјата и Унијата без сомнение се соочува со тешки моменти, нагласи Прибе и додаде дека Брегзит покажал дека напуштањето на Унијата е исто толку комплицирано како и влезот. Истакна дека и самата Унија се соочува во своите кризи – разликите меѓу земјите-членки за мигрантската криза, а во некои земји-членки се нотирани сериозни проблеми во однос на владеењето на правото и демократските стандарди, но и борбата против корупцијата.