дома Македонија ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА: Ќе се стави ли клуч на врата на...

ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА: Ќе се стави ли клуч на врата на државната детска кардиохирургија?

Ќе се стави ли клуч на врата на државната детска кардиохирургија? Овој оддел до крајот на годинава веројатно ќе се пресели во приватна болница , во пакет со лекарите кои сега оперираат под државна капа. Идејата за јавно приватно партнерство е пред реализација, иако како што тврди министерот Филипче дефинитивната одлука се уште не била донесена.

-Треба да ги отвориме вратите. Вреди да се разговара за ваков тип на партнерство. Секаде каде има простор, може да ги споиме домашната експертиза која работи во приватниот и во државниот сектор, да обезбедиме подобри услови, интегриран сервис на здравствена услуга. И кога никој повеќе нема да биде испратен за лекување во странство, Фондот ќе обезбеди голема заштеда и тоа не само во однос на лекувањето во странство, туку и за сегашното функционирање на одредена струка. Кардиолошките операции и кога ќе се извршуваат во приватна болница ќе бидат на товар на Фондот, а буџетот за оваа намена, ќе остане ист.Никој од пациентите нема да плати ни денар повеќе, нагласи Филипче.

Детската кардиохирургија не е единствената за која се размислува опцијата јавно-приватно партнерство. Во тек е физибилити студија за вакво решение за Брзата помош и Домашната посета. Министерството за здравство смета дека овие две служби се во лоша состојбата и дека нешто треба да се менува.

Јавно-приватното партнерство за министерот Филипче е далеку од приватизација, но можните вакви договори со себе носат ризици, дел од профитабилните установи на крајот и целосно да се приватизираат.  Упатените коментираат дека додека приватниот сектор се развива, а сè полоши се условите на државните клиники, па јавното здравство со ваквите партнерства би можело да „згасне“.