дома Македонија ПРИТВОР ЗА НАПАЃАЧИТЕ НА СЕЛА: Таткото и синот се соочуваат со најмалку...

ПРИТВОР ЗА НАПАЃАЧИТЕ НА СЕЛА: Таткото и синот се соочуваат со најмалку пет години затвор

Скопското обвинителство прво ги сомничеше таткото и синот за учество во толпа што ќе стори кривично дело, но вчера ја смени квалификацијата и според доказите тие сега ќе одговараат за обид за убиство, за што најмалата казна е пет години затвор.

Кривичниот суд им определи 30-дневен притвор на таткото и синот осомничени за обид за убиство на пратеникот од „Алијанса за Албанците“, Зијадин Села, во нередите што се случија на 27 април во Собранието.

Скопското обвинителство прво ги сомничеше К.Ѓ. и Ц.Ѓ. за учество во толпа што ќе стори кривично дело, но вчера ја смени квалификацијата и според доказите таткото и синот сега ќе одговараат за обид за убиство, за што најмалата казна е пет години затвор.

Двајцата притворени биле лесно идентификувани од снимките од Собранието. На снимката што ја објавија повеќе домашни медиуми се гледа како повеќемина го држат Села за рацете и нозете и го влечат низ собраниските ходници. Неговото лице е облеано во крв, а тој е во полусвесна состојба.

За време на нередите, Села бил изнесен од просторијата за прес-конференции, каде што се случија најголемите тепачки, а потоа бил одвлечкан во друга просторија во Собранието. Тој од сите пратеници помина со најтешки повреди .