дома Македонија ПРОБИЕНИ РОКОВИТЕ ЗА ПРЕДЛОГ ОБВИНИТЕЛНИ АКТИ: Сите рокови за поднесување на обвинение...

ПРОБИЕНИ РОКОВИТЕ ЗА ПРЕДЛОГ ОБВИНИТЕЛНИ АКТИ: Сите рокови за поднесување на обвинение пробиени – се чека наредната недела да бидат поднесени

Рокот е пробиен за 48 часа, одлуки сè уште нема. Врховниот суд, како што јавува Телма, и натаму е во молк по прашањето дали ќе ги прифати жалбите на осомничените за настаните во Собранието од 27 април и ќе ги укине мерките притвор.
Правните застапници на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои се наоѓаат во Шутка до попладнево не добиле никакво писмено известување. Адвокатите Игор Кичеец и Александар Новаковски за Телма нагласија и оти не ги знаат ниту причините за пробивање на рокот за донесување на одлуките. Информација нема ниту на интернет страницата на Врховен, а за телевизијата е нем и телефонот на претседателот на Судот, Јово Вангеловски.

Списокот со осомничени останува со 35 лица меѓу кои има пратеници, припадници на УБК и на МВР како и организатори на протестите. Делото за кое се товарат беше насловено како „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, но од обвинителството за Телма не откриваат дали притворените ќе бидат и обвинети за тоа освен дека изготвувањето на предлог обвинителниот акт е при крај и ќе биде објавено во текот на наредната недела.