Проблеми со модуларната болница во Тетово имало и при изградбата, како е пуштена во употреба?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Модуларната болница во Тетово, во која вечерва во пожар животите ги загубија неколку лица, уште при изградбата имала технички проблеми, поради кои се одложувало нејзиното пуштање во употреба, беше објавено во април годинава на порталот PresingTV.

-Иако од март побаравме да ни се даде дозвола за пуштање во функција на модуларната болница во Тетово, бидејќи сите наши задачи како Клиничка болница во Тетово ги извршивме, тоа не се случи, техничкиот прием сè уште не е направен, значи давањето клучеви за пуштање во функција на модуларната болница, рече тогаш Артан Етеми, економски директор во тетовската Клиничката болница за порталот Портабл.мк.

Со изградба на модуларни болници се доцнеше околу 6 месеци, имено министерот за здравство, Венко Филипче ветуваше дека модуларните болници ќе бидат изградени до месец август, но истите не беа изградени тој период, туку започнаа со изградба околу ноември месец во самиот ек на вториот бран од КОВИД-19.

-Во согласност со договорот и обврските од истата, модуларната болница која се наоѓа во дворот на тетовската Клиничка болница, е поставена комплетно подготвена во закажаниот рок, примопредавањето на инвентарот, мебелот и другите беа извршени на 09.03.2021 година, од страна на комисијата каде учествуваа претставници од Министерството за здравство и МТСП, истакнале од Министерството за здравство.

За истите модуларни болници беше објавено дека компанијата „Брако“ веќе го наплатила поголемиот дел од монтирањето на модуларните болници и нивното опремување, и тоа преку посебна сметка за итно справување со КОВИД-19 на Министерството за труд и социјална политика и веќе му се префрлени 3,62 милиони евра.

-Вкупната вредност на двата договори изнесува 287.371.490,00 денари. Како што ѝ е познато на јавноста во градовите Гевгелија, Струмица, Куманово, Кичево, Струга, Гостивар, Штип, Велес, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Кочани, Скопје – Козле и Дебар веќе се инсталирани и опремени модуларните болници. Додека во Ресен и Тетово инсталацијата е во тек. Досега се исплатени 223.076.984,00 денари, гласеше одговорот од Министерството за труд и социјална политика.

Но од компанијата „Брако“ која е блиска до власта за медиуми вели дека тие својата работа си ја имаат завршено и од тука натака не знаат до кој е проблемот.

-Да, ние ја завршивме целата наша работа и има време. Немаме информација зошто сè уште не е ставена во функција, изјавија од компанијата „Брако“.

Вечерва во модуларната болница во тетово избувна голем пожар. Во пожарот што го зафати вечерва Ковид центарот во Тетово има жртви, соопшти вечерва Министерството за здравство.

-Министерството за здравство информира дека вечерва страотна несреќа се случи во Тетово каде има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид центарот. Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се утврдува во моментов, наведува Министерството.

Пожарот, како што велат од МЗ, е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Повредените лица итно се транспортираат во Скопје за да им се пружи соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани.

Министерот за здравство Венко Филипче е во Тетово, а по завршување на увидот, од Министерството велат дека ќе информираат за фактичката состојба

Се уште не се соопштени причините за пожарот.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This