Авионот на Ер Франс-КЛМ се врати денеска во Пекинг кратко време по полетувањето, откако кабината беше исполнета со чад, соопшти авиокомпанијата.
„Боинг 777“ што леташе од Пекинг до аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз имаше технички дефект поврзан со зголемен притисок во една од цевките за климатизација, што разнесе остатоци и прашина во кабината, се вели во соопштението на авиокомпанијата, пренесе АП.
Авионот нормално слетал во 4.03 часот по локално време, се наведува во соопштението.
Ниту еден од патниците или членовите на екипажот не се повредени.
Патниците подоцна денеска ќе бидат пренесени во Париз со друг Боинг 777.