На денешната 69-та седница, Владата на Северна Македонија ги усвои најновите мерки кои се однесуваат на ограничувањето на движењето на граѓаните, како и други мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести (КЗБ).
Согласно новите измени и дополнувања забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на територија на Република Северна Македонија, наместо како до сега, ќе започнува во 24:00 часот и ќе трае до 4:00 часот наутро, почнувајќи од 13 мај 2021 година со важност до 18 мај. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови на 12 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
Од 12 мај престанува да важи мерка за забраната за посетители – гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, во затворен простор, како и во игротеките, но работата во овие објекти задолжително треба да се одвива според протоколите за работа.
Владата денеска ја прифати и препораката на КЗБ во установите за згрижување и воспитание на деца, да се зголеми бројот на згрижени деца во воспитните групи до две годишна возраст – најмногу до 15 деца, а во воспитните групи од 2-6 годишна возраст – најмногу до 20 деца.
Со одлука на Владата од денешната седница престанува да важи и наредената мерка со која се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, односно се дозволува нивно користење, согласно планот на раководителот на институцијата, без да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.
Како дел од овие мерки е и одлуката дека сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) може да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30 % исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50% исполнетост на отворените простори. Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за формирање на регионални центри за КОВИД-19 вакцинација за Струмица, Прилеп и Велес и го задолжи Министерството за здравство, во соработка со општините Струмица, Прилеп и Велес, да го координира спроведувањето на неопходните активности за формирање на регионални вакцинални пунктови за масовна вакцинација против КОВИД-19 во овие градови.
Со оваа одлука Владата им препорачува на општините Струмица, Прилеп и Велес да учествуваат во уредување на вакциналните пунктови во соодветни спортски сали.