дома Свет Расте црниот биланс: Бројот на зaгинати во зeмјотресот се искачи на 67

Расте црниот биланс: Бројот на зaгинати во зeмјотресот се искачи на 67

Шефот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во Индонезија, Јан Гелфанд, за Си-Ен-Ен изјави дека очекува да се зголеми бројот на жртвите.

Стотици луѓе се повредени, според тамошната агенција за ублажување на катастрофи.

Земјотресот бил со епицентар на 6 километри северо-источно од Мајне, на релативно мала длабочина од 10 километри, нешто пред 1.30 часот во петокот навечер по локално време (четврток, 6.30 часот по средноевропско време), што предизвика илјадници жители во паника да ги напуштат своите домови на повисоките места.

По земјотресот не е издадено предупредување за цунами, но шефот на индонезиската метеоролошка и геофизичка агенција (БМКГ) Двикорита Карнавати на прес-конференција изјави дека може да следат силни потреси со можност уште еден силен земјотрес да предизвика цунами.

Серија земјотреси предизвикаа три свлечишта, оштетија мостови кон регионалните центри како што е градот Макасар и оштетија десетици домови, два хотели и канцеларијата на провинцискиот гувернер. Прекинато е снабдувањето со електрична енергија во областа.

Според АФП, неколку згради биле срушени во Мамују, вклучувајќи ја и болницата. “Болницата беше уништена. Има пациенти и персонал под урнатините, работиме да ги извадиме”, изјави за Франс прес Аријанто, водачот на тимот за спасување во градот Мамују. Тој проценил дека 10 до 20 лица биле закопани во урнатините, но не можел да потврди дали се живи. Мамују е провинциски центар со околу 110.000 жители.

Земјотресот предизвикал паника кај жителите на западен Сулавеси кои се засолниле на ридовите. Портпаролот на провинциската влада Западен Сулавеси, Сафарудин, рече дека властите итно треба да ја обноват телекомуникациската мрежа и да поправат неколку оштетени мостови, како и да доставуваат шатори, основна храна и медицински материјали.

Индонезискиот архипелаг е на пацифичкиот „огнен прстен“, област со силна сеизмичка активност.

Во септември 2018 година, градот Палу во Сулавеси беше погоден од исклучително силен земјотрес со јачина од 7,5 степени, што предизвика разорно цунами.

Повеќе од 4.300 луѓе загинале и исчезнале во катастрофата, а најмалку 170.000 морале да ги напуштат своите домови.