дома Европа Рекордни речиси 80 000 новозаpазени за еден ден во Британија

Рекордни речиси 80 000 новозаpазени за еден ден во Британија

Велика Британија соопшти за рекорден број дневни случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, односно регистрирани дури 78.610 заразени денеска.

Досега рекордот беше од 8 јануари со 68.053 случаи на дневно ниво, јави Би-би-си.

Британија неодамна воведе задолжителни маски во повеќето затворени простории и ковид-сертификати за големи настани во Англија за да се намали ширењето на омикрон-варијантата.

Британскиот премиер Борис Џонсон одржа вонредна прес-конференција. Заедно со Џонсон беа и шефот на англиското јавно здравство, Крис Вити, и Ники Канани, директорка за примарна грижа при Националната здравствена служба.

Џонсон пред прес-конференцијата изјави дека не исклучува воведување нови мерки.

Почна со повик за засилена вакцинација со бустер-доза бидејќи, како што рече, омикрон продолжува да се шири во целата земја.

„Секој возрасен во Англија од денес може да се вакцинира со бустер-доза. Апсолутно е важно луѓето сега да се вакцинираат со бустер-доза бидејќи Британија бележи рекорден број нови случаи“, рече тој.

Вити преку презентации и графикони ја покажа тековната состојба со пандемијата. Рече дека Британија има многу голем пораст на случаи и дека во наредните недели ќе има нови рекорди во бројките на новозаразени.

Рече и дека инфекциите со делта и омикрон предизвикуваат две засебни епидемии посочувајќи дека бројот на смртни случаи благо се намалува, но дека тоа не се однесува на омикрон-варијантата, која штотуку пристигна во Британија.

„Вакцините обезбедуваат огромна заштита од делта-варијантата, но тие се помалку усогласени со омикрон“, рече Вити додавајќи дека на нивно усогласување се работи со забрзано темпо.