дома Македонија СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС : РОДЕНДЕНОТ НА АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС : РОДЕНДЕНОТ НА АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ

21 јули 2018 година, Скопје, Македонија – Одборот за чествување на Александар Трети Македонски при Светскиот Македонски Конгрес, под претседателство на Паскал Камбуровски, информира дека утре, на 22 јули 2018 година, недела, ќе се одбележат 2374 години од раѓањето на Александар Трети Македонски.

Собирот ќе започне во 19.00 часот пред Порта “Македонија“, а оттаму присутните ќе се упатат до фонтаната со споменикот на Александар Трети Македонски на плоштадот “Македонија“.

Добредојдени се сите добронамерници и приврзаници на животот и делото на Александар Трети Македонски!

ЖИВОТ И ДЕЛО АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ 356 – 323 Г.П.Н.Е.

Големиот Македонски Император Александар Трети Македонски, син на Великиот Цар Филип Втори Македонски и на царицата Олимпија, ученик на Аристотел Македонецот, роден е пред 2374 години, на 22 јули 356 година пред новата ера во Македонската престолнина Пела. Со неговите 33 години живот остави длабоки траги во историјата на човековата цивилизација. Со своите походи, на кои неговата војска за осум и пол години помина 18.000 километри, создаде Империја каква што до ден денешен не постоела во пространство, ниту пред него, ниту по него.

Великиот Цар Александар Трети Македонски, Крал на Македонија и Хегемон на Елините, Крал на Вавилон и Фараон на Египет, Цар на Персија и Крал на Ариевците, е најголемиот император во светската историја!

Тој е единствениот војсководец на сите времиња, кој своите војски – непобедливите фаланги, ги подигна во невиден воено-научен истражувачки поход. Иако сакал да го открие почетокот на раѓањето на сонцето, а со тоа и почетокот на светот, секаде каде што поминал истражувал, проучувал, градел и носел напредок. На моменти со сила, на моменти со сесрдно прифаќање од оние кои сакале и успеале да погледнат подалеку во иднината.

Великиот Цар Александар Трети Македонски најмногу од се’ сакал да се одликува со севкупното знаење, а не со власта која му припаѓала. Со себе го донел најголемиот процут на науката, просветата, културата и слободоумната мисла. Иако неговиот живот траел околу 33 години, а неговото владеење помалку од 14 години, оставил огромно наследство во целиот прогресивен свет, поради што многу други светски императори го имитирале. Неговите воени стратегии и потфати и денес се темел на изучување на светската воена доктрина, неговите истражувања во сите науки се база на научната мисла воопшто, неговото сфаќање за духовната сила и моќта на самосвесноста на секој човек се основа за сите денешни религии, а најмногу од се’, неговиот поглед на микро и макро космосот е фундаментот на човечки подадената рака кон секој кој ја сака и почитува планетата Земја.

Следбеник на Херакле и Ахил во силата и храброста, поклоник на Зевс и Амон во верата и љубовта, жртвеник на Ад и Селена во издржливоста и истрајноста, веселник на Дионис и Баху во хармонијата на звукот, поет на Хомер во топлината на зборот, тој бил и ќе остане симбол на човековата возвишена светост.

Тој го отвори патот на новата цивилизација и од потопот остави само бледо сеќавање за она што значи неукост и дивјаштво, за да го одбележи почетокот на новото раѓање, на новиот милениум. Именуван да биде бранител на човековиот род пред нескротливата природа, до денес остана неповторлив патоказ за сите, свртени кон сонцето и храбри како лав, кои најмногу од се’ ја почитуваат вистината.

Упокоен е на 10 спроти 11 јуни 323 година пред новата ера, во Вавилон. Неговата гробница остана енигма до денес, повод е на бројни преданија и локации. Македонците веруваат дека Царот над царевите е погребан во границите на Републиката, како и неговиот татко Великиот Цар Филип Втори Македонски. Божја волја е кога некрополите ќе бидат обелоденети и отворени, светот да ја виде вистината за Македонците и за Македонија!

Чествувањето е востановено на 25. Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес, како неформален светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, одржано на 9 август 2015 година, донесе Резолуција за чествување на Александар Трети Македонски на денот на неговото раѓање, на 22 јули.

Светскиот Македонски Конгрес и Здружението Антички Македонци од Богданци уште во 1990 година доставија писмено барање до тогашното Собрание на Градот Скопје за изградба на огромен споменик на Александар Трети Македонски врз неговиот коњ Букефал на постамент во фонтана со шеснаесет лавови на централниот плоштад “Македонија“ во престолнината на државата Македонија. Благодарност до Здружението Антички Македонци од Богданци за иницијативата и упорноста.

Радува, среќни сме и горди, што после дваесет и една година, на 21 јуни 2011 година, на постаментот во Фонтаната на плоштадот “Македонија“ во градот Скопје, во присуство на градоначалникот Коце Трајановски и авторката на идејниот проект Валентина Стевановска, а со помош на Министерството за култура и Владата на Македонија, се постави Споменикот на Големиот Цар на Македонија, Александар Трети Македонски, на неговиот коњ Букефал.

Во името на Светскиот Македонски Конгрес, упатувам искрена благодарност до сите кои досега го удостоија раѓањето на Александар Трети Македонски во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година на плоштадот “Македонија“ пред фонтаната во којашто е неговиот споменик, несреќно именуван како “воин на коњ“ поради Владата во Атина.

Денес, веќе не постојат причини, таа состојба да продолжи безимено и понатаму. Затоа, Светскиот Македонски Конгрес врз основа на членот 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во кои спаѓаат и фонтаните, на 7 јули 2016 година до Советот на Градот Скопје поднесе иницијатива за донесување на Одлука за определување “Александар Трети Македонски“ за име на фонтаната со коњаник на плоштадот “Македонија“ во Скопје, со предлог на Одлука. Предлог одлуката повторно ја доставивме до Советот на Градot Скопје на 17 јули 2017 година. Со оваа Одлука и формално треба да се заокружи именувањето на просторот од двете страни на реката Вардар што ги врзува Камениот Мост: Споменикот на Големиот Цар Александар Трети Македонски од десната страна и Споменикот на татко му Големиот Цар Филип Втори Македонски, и Споменикот на мајка му, Царицата Олимпија, од левата страна на реката Вардар.

Името Александар Трети Македонски е во пописот и описот на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и на другите инфраструктурни објекти на Градот Скопје. На потег се градоначалникот и Советот на Градот Скопје. Очекуваме Советот на Градот Скопје да ја донесе одлуката, бидејќи никого не дискриминира или дискредитира, а радоста ќе ја споделиме сите заедно, сите Македонци и почитувачи на неговото име и дело, во светот и во татковината!

Секогаш кога ќе погледнете во центарот на плоштадот Македонија, во метрополата на државата Македонија, споменикот на Големиот Цар Александар Трети Македонски, нека ве потсети дека оваа држава се вика Македонија, ние сме Македонци, нашиот јазик е Македонскиот! Дека сме горди Македонци и достојно ќе го браниме и одбраниме името на татковината Македонија и идентитетот на нацијата Македонска!

Голема благодарност на покојниот професор д-р Ташко Белчев кој со неговите бројни дела, ги постави темелите во науката за древната Македонија.

Вечна му слава и памјат на Големиот Цар над Царевите Александар Трети Македонски, кој духовно не’ обединува каде и да сме.