Регионалните музички ѕвезди Северина Којиќ и Цеца Ражнатовиќ во јули ќе имаат свои концерти во Охрид, на стадионот Билјанини извори. Прва, на 27 – ми јули ќе настапи хрватката Северина, а наредната вечер, на 28 – ми јули, концерт ќе одржи Цеца.
Токму настапите на Цеца, Северина, Карлеуша, Аца Лукас, Ана Николиќ, Азис и други ѕвезди од соседството се едни од најпосетените кај нас. Полни концертни сали или плоштади се редовна слика кога некој од нив ни доаѓа на настап. Нивната музика, окарактеризирана како турбофолк, е еден вид на мешавина помеѓу фолк и поп жанр. Во своите песни најчесто пеат за несреќни љубовни приказни, оставени и изневерени жени, кои или очајуваат, или пак го возвраќаат ударот. Текстовите на нивните песни за скршени срца и хедонизам, наизуст ги знаат дури и петгодишни деца. За голем дел од младината, па и возрасните, нивната музика е неизоставна терапија и задолжителен дел од лудите ноќни забави.