На неколку места е излеана реката Вардар во скопскиот регион. Излевање има по течението во центарот на Скопје, како и кај мостот кон Јурумлери во општина Аеродром и на местата викани Вител, Чука и Средоред во општина Зелениково.
Центарот за управување со кризи информира дека во останатите делови од државата на места поплавени се земјоделски површини, а во општина Маврово и Ростуше над селото Жировница делумно е почнато да се лизга земјиштето и постои опасност тоа да се зголеми.
Во општина Боговиње, на патот за селото Ново Село има одрон во должина од пет метри и се очекува во текот на денот да почне чистењето.
Во општина Крушево, по текот на реката Црна од селото Света кон селото Бучин има излевање и поплавување на ливади во должина од околу три километри и ширина од околу 50 метри низводно.
Излевања има и во општина Демир Хисар каде се поплавени земјоделски површини на потегот од селото Доленци до селото Света.
Во општините Охрид, Дебарца и Кичево состојбата се нормализира, а во општините Македонски Брод и Пласница поради сеуште високиот водостој на повеќе места има излевање на реката Треска и поплавени се земјоделски површини, ливади и овошни насади.
извор/фото: МИА