дома Религија Сливнички манастир во Преспа: Место од каде Мајката Божја им дарила пород...

Сливнички манастир во Преспа: Место од каде Мајката Божја им дарила пород на голем број жени

Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ или познат како Сливнички манастир е средновековен храм кој се наоѓа на 3 километри над селото Сливница во Преспа.

Манастирот датира од 1607 година, а е сместен во густата листопадна шума на еден стрмен и длабоко засечен дол, на западната падина на планината Баба, високо над источниот брег од Преспанското Езеро.

Бујната природа го одзема здивот во текот на сите годишни времиња. Во лето плени зелената боја, а на есен жолто златната боја и позлатениот тепих од лисје кој ниту уметник не би го насликал подобро.

Доаѓате во селото Сливница и добро е за секој случај да побарате клуч од мештаните, бидејќи кога нема никој, манастирската црква е заклучена.

Се движите по тесен асфалтиран пат околу 10 тина минути со автомобил и доаѓате пред едно прекрасно здание кое од првиот поглед ќе ве привлечи како магнет.

Манастирот има широк двор со зеленило, 20 конаци кои имаат 90 легла, кујна и трпезарија. На средина се наоѓа манастирската црква и камбанарија, а од левата страна на црковниот храм има лековита вода за која се верува дека помага за пород и лечи од болести.

Голем број жени кои немаат пород доаѓаат, се мијат и пијат од водата и ја молат мајката Божја да им помогне да добијат чедо.

Влегувате во манастирската црква, а внатре ќе забележите прекрасен живопис, а срцето ќе ви доживее некое посебно чувство кое веројатно само меѓу тие четири ѕида постои.

На средина се наоѓа икона од Мајката Божја Богородица, а она што ќе ве трогне се големиот број молитви напишани од жени што сакаат да добијат пород.