Паднаа во вода тврдењата на опозицијата за наводна изолираност на државата. Поканата за учество на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Самитот на Европските народни партии е доказ дека Македонија не е изолирана, сметаат политичките аналитичари.
Партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот на партијата Никола Груевски и премиерот Емил Димитриев, во изминатите два дена учествуваше на самитот на европската десница во Малта, каде Груевски имал и средба со германската канцеларка Ангела Меркел.
Овде ги запознале своите партиски колеги од Европската народна партија за политичката ситуација во Македонија. Дел од агендата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беа средбите со претседателот на Советот на Европската унија, Доналд Туск и првиот човек на Европарламентот, Антонио Тајани.
Според политичките аналитичари, средбите на Груевски со високите претставници на сестринските партии на Европскиот самит, покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има огромна поддршка во напорите за напредок и евроинтеграција на Македонија.
На самитот на европската десница, Груевски се сретна и со Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, германската канцеларка Ангела Меркел, Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Тој и лидерот на словенечката десница, Јанез Јанша јавно го поддржаа ВМРО ДПМНЕ и Никоал Груевски на говорите пред европските лидери.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на сите средби јасно бил искажан ставот дека и во иднина партијата ќе ја има поддршката на сестринските партии од Европа.