дома Македонија Koлективен имунитет ќе постигнеме до крајот на летото

Koлективен имунитет ќе постигнеме до крајот на летото

Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет, рече министерот за здравство Венко Филипче.

До крајот на летото во земјава ќе биде постигнат колективен имунитет, бидејќи досега се вакцинирани нешто помалку од 300.000 граѓани, а во следниот период, со помош на донираните кинески вакцини, ќе се имунизира уште поголем број од населението, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната заедничка прес-конференција со кинескиот амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо.

Досега се вакцинирани под 300.000 граѓани, а планирано е во следниот период да се вакцинираат уште 300.000 луѓе.

– Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет. Секако, не знаеме како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат дека вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата, рече Филипче.

Тој истакна дека за време на викендот се очекува да пристигнат 500.000 кинески дози од „Синовак“, како и значителна количина на Фајзер преку механизмот Ковакс, кои следниот понеделник ќе бидат распределени во осум центри за вакцинација.