дома Македонија Со одобрение од општина Центар: Почна градбата на првата од трите 20-катници...

Со одобрение од општина Центар: Почна градбата на првата од трите 20-катници кај „Холидеј Ин“ во Скопје

Од денеска почнува изградбата на првата од трите 20-катници спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје испратија соопштение во кое информираат дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава, пренесува СДК.

„Во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи три нивоа под земја, приземје плус 20 ката и поткровје. Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина“, велат од „МГ Фешн“.

Според Деталниот урбанистички план за овој дел предвидена е јавна површина од вкупно 7.500 метри квадратни или приближно површина колку Плоштад Македонија. Од компанијата велат дека нивната визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на Порта Ноува во Милано, а за идејно решение ќе предложат да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар.

Извор: СДК