дома Образование Средношколците не сакаат да полагаат матура, МОН децидно, државна матура мора да...

Средношколците не сакаат да полагаат матура, МОН децидно, државна матура мора да има

Средношколски глас соопшти дека средношколците се „против дополнителен хаос во образованието“ и бараат укинување на матурата, бидејќи, како што посочуваат, немањето услови за настава се отежнува со дополнителни неосмислени програми за полагање на матурата.

– Образованието ни виси на конец, не можеме да го стекнеме вистинскиот обем на учење и добивање  практично и теорично знаење, и полагањето на матура за учебната 2020/2021 година е невозможно на начин каков што е предложен од страна на Министерство за образование. Физичко присуство на учениците за еден од предметите, а дел да се полагаат онлајн воопшто не е соодветен модел да се полага државна матура, велат од Средношколски глас.

Претставници на  матурантите од Средношколскиот сојуз, пак, оваа недела имаа средба со министерката за образование и наука Мила Царовска во врска со полагањето државна матура.

По консултации со сојузи од регионот и од Европа, Сојузот прифаќа да се полага државна матура, која и оваа година се организираше во други држави, но побара помалку да е застапен материјалот откако почна пандемијата и бројот на екстерни испити да се намали од три на два.

Од МОН е прифатено првото барање и испитите ќе се полагаат по скратени програми, но не и второто барање затоа што, како што нагласи вчера Царовска, не може  во од да се менува концепцијата за матурата, но дека ќе има промени за наредната генерација во учебната 2021/2022 година.

„Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес. Образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации“, велат од министерството.

Министерството за образование и наука нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава. Иако, оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, со огромен ангажман и посветена работа на наставниците, учениците и родителите обезбедиме континуитет во образовниот процес. За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел, додаваат од таму.

Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите. Министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници од министерството веќе се сретнаа со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано. Со средношколците разговаравме и за проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача.

Средношколците на состаноците беа известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и секако со здравствените власти ќе најдеме начин самото полагање да биде безбедно.

Исто така, Министерството за образование и наука најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.

Државната матура којашто е и законска обврска се одржува во сите европски земји и земји во регионот и покрај пандемијата. Успешно се реализираше минатата учебна година, а започнуваат подготовките и за оваа учебна година. Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики.

Министерството за образование и наука заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура.

Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка.