дома Религија СТОЕВ ПРЕД МОШТИТЕ НА СВ. ЈОАНИКИЈ И ДОЖИВЕАВ ЧУДО

СТОЕВ ПРЕД МОШТИТЕ НА СВ. ЈОАНИКИЈ И ДОЖИВЕАВ ЧУДО

Како би можела да додадам или одземам нешто од сведоштвото што ќе ви го раскажам, кога знам дека Бог не` слуша?

Излезени низ градот заради други обврски, денес одлучивме со сопругот да влеземе и во Соборниот храм каде неодамна беше прогласен за светител св. Јоаникиј Ракотински, а за што слушавме чести исповеди за чудесните исцеленија кои веќе се случуваат врз неговите мошти.

Секако, бидејќи верници, знаеме дека само искрената и со силна вера молитва кон Бог или светителите може да ни биде услишана и примена.

Кога влеговме во храмот се` уште се чувствуваше здивот и мирисот на извршениот акатист за Свети Јоаникиј. Акатист, за тие што не чуле, означува, химна, славословење кон Богородица, Господ Исус Христос, светителите. Се извршува стоејќи и слушајќи простум!

Трепетно застанавме пред кивотот (ковчегот) каде се поставени светите мошти на светецот. Се чувствував по малку збркано, исплашено, мислите ми беа расеани и не знаев што и со кои збориви најпрвин да почнам да се молам.

Набрзо се сетив на моите гревови и почнав од нив, а солзите скржаво прокапеа од очите. Потоа пристапив поблизу до ковчегот, поткачувајќи се врз дрвената платформа висока колку една скаличка.

Несвесно ги спуштив двете раце врз кивотот (ковчегот).

Прво што почувствував беше топлината под рацете. Останав во таа положба, простум со рацете врз ковчегот. По некоку секунди почувствував благо пецкање врз и под дланките, слично како кога се утрнати екстремитетите, но како река, како ниска струја таа сензација почна да тече, да се шири наугоре се` до главата и наудолу до нозете.

Во следниот миг низ целото тело како да се движеа илјадници мравки наугоре, наудолу се` повеќе. Бев љубопитна, не се исплашив, напротив како прикована останав во истата положба без да мрднам целосно концентрирана на појавата, а во себе барајќи исцеление од некои болести кои ме мачат хронично.

Како да се исклучив од амбиентот околу мене. Тоа тн. „струјно коло“, трнење, пецкање, лазење мравки…. стануваше се` поинтензивно, побрзо и  се` посилно и посилно. И траеше речиси цели две минути .

Бев во конфузија и не знам што точно и на кој начин измолував. А можеби требаше само да молчам?

Но, таа сензација ја прекина нагло чувство на слабост, која одеднаш ме опфати. Како целото тело, рацете, нозете да ме влечат наудолу, на кај земјата, стежнаа на некој начин.

Во пределот кај желудникот или соларниот плексус се случи немир, разбуричканост која се ширеше наугоре пропратено со силна малаксалост и вознемиреност. Срцето почна убрзано да чука и буквално ми се слоши. Мислев ќе умрам, таа состојба како да ме турна на коленици, а потоа како да ме истурка од платформата.

Се завртев назад. Го видов сопругот како се држи за градите и се подвиткува. Во исто реме тој зад мене, одподалеку исто така упатувал молитви.

Тивко ми пријде и изговори:

„Кај желудникот некаде, високо, нешто ми се случува, имам немир и слабост и срцебиење. Како да сум малаксан и имам општа слабост !!!

Ги имавме истите реакции !“

Му ја раскажав и мојата приказна. Бевме збунети. Заборавивме и достојно да му заблагодариме на светителот. Дури после десетина минути реакциите ни завршија на двајцата и почувствувавме мир.

Јасно ни беше едно: Светителот е тука, жив, меѓу нас. Одговара или не одговара на молитвите (барањата) во зависност од силината на нашата вера, а преку благодатта на Светиот Дух – Господ. За да го славиме и сведочиме Христа и Неговата сесила и моќ.

Не толку само да оздравиме, туку пред се да се исцелиме духовно, да се преобразиме, да поверуваме и утврдувајќи се во верата да се присоединиме со Него, преку редовен воцрковен живот, пост, молитва, литургија, редовна причест и дела на љубов и милосрдие кон ближниот, кон секој друг човек.

Заминувајќи на кај дома се прашувавме:

Дали недостојно застанав да барам?

Дали со малку вера, а повеќе од љубопитност?

Знаеме, после ова, болестите ќе исчезнат ако Бог сака и ако тоа послужи за наша полза духовна.

И нема да не` остави болеста, ако Бог така сака и ако тоа послужи пак во наша полза.

Дополнително ќе ви раскажеме за здравјето, зашто настанот се случи само пред некој час.

Едно сфативме и на сите порачуваме. Секој вторник, во 17 часот, во Соборниот храм се отслужува акатист кон Свети Јоаникиј Ракотински. Ние, ако Бог даде, ќе одиме.

За достоинствено да Му благодариме, да го прославиме Христос преку него, за да испросиме исцеление телесно и духовно како што прилега, а не случајно и на минување…