дома Македонија Сè уште трае потрагата по 16-годишното дете во Претор

Сè уште трае потрагата по 16-годишното дете во Претор

Сè уште трае потрагата по 16-годишното момче од Ресен кое вчера исчезна во водите на Преспанското езеро.

Според изјавите на очевидци, момчето заедно со своите другари отишло да се вози на педалинка, по што едни извори велат дека педалинката се превртела, додека пак други велат дека момчето само скокнало во водата.

Од вчера покрај полициските сили, и приватни поединци нуркачи, жители се обидуваа да го пронајдат телото на момчето, а во моментов се очекуваат и нуркачи специјалисти да пристигнат и да помогнат во потрагата.

„Да организира државата, полиција да пуштат овде, ние си најдовме сами нуркачи имаме двајца од Охрид и по еден од Скопје и Битола. Уште не можат да го пронајдат детето, од сношти го бараме до сега уште го нема. До 5 часот утринава го бараа, се уморија нуркачите, излегоа само 1 час да се одморат и влегоа да го бараат. Со опрема се добри, се е во ред, но се уште не можат да го најдат“, вели еден од учесниците во потрагата.

Тој додава дека државата треба да пушти повеќе специјалци, луѓе или хеликоптери.

„Да дојде поголема екипа на луѓе за да го бараат детето, инаку не може да го најдат, малце се, од сношти бараат, цела ноќ. Потрагата, како што гледате, нуркачите бараат, но сепак не се доволно. Треба хеликоптери да го контролираат постојано, може телото некаде да лебди“, вели друг учесник во потрагата.

Утрово и еден од локалните жители кои прв стигнал до педалинката каде биле момчињата истакна дека педалинката не била превртена.

„Во моментот кога стигнавме горе, двете дечки беа на педалинка, педалинката не беше превртена. Кажаа дека момчето скокнало во водата и веќе не излегло. Педалинката не беше превртена, тоа дека пишува некаде оти била превртена, не беше. Јас стигнав за 5 минути таму. Почнавме да бараме, но таму е многу матна водата, многу трева, до сега без успех“, посочи Сашо Наумовски.