дома Македонија Тажна вест: Почина Видосава Грубач, актерка на Драмски театар

Тажна вест: Почина Видосава Грубач, актерка на Драмски театар

Во Скопје почина актерката Видосава Грубач, која кариерата ја мина во Драмски театар Скопје, чиј член беше од 1962 година па се до пензионирањето.

Грубач заедно со Милица Стојанова и Ленче Делова играше во „Богомилска балада“на Тодорка Кондова-Зафировска, првата претстава одиграна во зградата на Драмски театар на „Шекспирова“. Во филмот на Коле Ангеловски „Викенд на мртовци“ го толкуваше ликот на Рајна.

Грубач настапуваше во многу претстави на Драмски, а меѓу највпечатливите е и улогата во „Болва во уво“, која имаше 333 изведби. Монодрамата „Двајца црнци зборуваат македонски“, работена по поемата на Паскал Гилевски била една од нејзините најдобри актерски остварувања.

Најважните улоги ги остварува на куклената и на детската сцена, но со голем успех учествува и во проектите на Вечерната сцена.

Селективна театрографија: Беки Тачер во „Том Соер“ (1962); Оливер Твист во „Оливер Твист“ (1963); Клариса во „Кралот на елените“ (1964); Лилјана Бартли во „Фармерки“ (1965); Мариета Ривал во „Сојуз на лажните светци“ (1970); Жената во облека на шпанска кралица во „Ништо “(1972); Бајачката во „Диво месо“ (1979); Екатерина во „Бркотница“ (1980); Иродијада во „Салома “(1985); Тетка Веска во „Чија си“ (1991).