дома Македонија ТЕВДОВСКИ ИЗБЕГА ОД КОМИСИСКАТА РАСПРАВА: По дуел со Илија Димовски, министерот за...

ТЕВДОВСКИ ИЗБЕГА ОД КОМИСИСКАТА РАСПРАВА: По дуел со Илија Димовски, министерот за финансии ја напушти салата!

Законот за данок на доход ви е катастрофален, нема да ја намали сиромаштијата туку напротив – ќе ги штити богатите. Предлагате закон што е во доменот на левичарското фантазирање и не ви трепнува око. Демек немате гајле за јазот меѓу богатите и сиромашните… Ваквите обвинувања од пратеникот од опозицијата Илија Димовски беа причина министерот за финансии Драган Тевдовски да стане и да ја напушти комисиската расправа во Парламентот на која се дебатираше за законот со кој се воведува прогресивното оданочување. Тевдовски кажа дека обвинувањата се паушални и навредливи и рече дека мора да замине на седница на Влада.

Тоа предизвика жестока реакција кај пратениците од опозицијата. Министерот сепак од нога, на излегување остана да го слуша Димовски, на инсистирање на претседателката на комисијата…

– Ама, вие неколку пати го навредивте Зоран, па никому ништо. Барам пауза додека не се врати министерот за да ја продолжиме дебатата… – рече Илија Димовски, пратеник ВМРО-ДПМНЕ.

– Министере, министере, кратко да ја дозавршиме ќе ве молам…– реагираша претседателката на Комисијта за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Денеска имате пет закона што ви значат, а вие се однесувате тука како сакате. Господине министер. Не се случило во ова Сорбание на општа расправа министер за финансии да си замине после паузата. Не се случило! – реагираше Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Тевдовски не одговори на прозивките на Димовски, ја напушти собраниската сала и кажа дека понатаму на амандманите ќе одговара неговата заменичка. На Законот за данок на доход кој денеска по скратена постапка влезе во собраниска процедура доставени се 22 амандмани.

Опозицијата преку амандмани побара да остане рамниот данок од 10 проценти, да не се оданочуваат прогресивно доходите кои граѓаните ги заработиле по основ на плати или продажба на земјоделски производи, а побараа и даночно ослободување приватното здравствено осигурување.

Мнозинството не ги прифати амандманите. Прифатен беше заедничкиот амандман на власта и на опозицијата за да не се оданочува приходот од трошоци за превоз и исхрана во делот на стипендиите.

Прифатен беше и амандманот предложен од пратениците од владејачкото мнозинство за зголемување на прагот на даночно ослободување од 6.000 на 8.000 денари за практиканти во фирмите. Законот за личен доход предвидува прогресивно оданочување од 10 на 18 отсто за оние кои оствариле приход од над 1.500 евра месечно. На расправата во Собранието ѝ претходеше јавна дебата на која остро реагира и претставници на бизнис-заедницата.