дома Македонија ТЕШКО ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ ДО ФОРМИРАЊЕ НА ВЛАДА ДО МАЈ: Можно одржување...

ТЕШКО ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ ДО ФОРМИРАЊЕ НА ВЛАДА ДО МАЈ: Можно одржување на двојни избори – парламентарни заедно со локални!

Последните интерни анкети на ДУИ покажале дека Беса има поголем рејтинг од најмалку пет отсто, што дополнително оди во прилог на намерата на Ахмети да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ

Откако не беше постигнат договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање влада, политичката состојба во Македонија уште повеќе се усложни. Иако сите очекуваа дека СДСМ лесно ќе ги собере потребните 61 потпис, со што ќе докаже дека има мнозинство во парламентот, тоа не се случи.

Станува јасно дека ДУИ нема туку-така да ги даде потписите и дека формирањето влада е сè уште далеку. Причините за тоа се различните ставови на дел од раководство на ДУИ, кое отворено заговара коалиција со СДСМ, додека пак поголемиот дел е за продолжување на соработката со ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера од СДСМ и од ДУИ доаѓаа различни информации за текот на преговорите. Од СДСМ велат дека ги испратиле на писмено барањата од ДУИ што дефакто се толкува дека прифаќаат двојазичност, додека пак Ахмети по средбата со францускиот амбасадор нагласил дека не се брза со формирањето на владата.

Против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ се тројцата градоначалници, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити, кои поради слабите резултати и налетот на Беса се пред пораз на изборите. Тоа лидерот Ахмети добро го знае и единствена надеж за нов мандат на неговите градоначалници гледа во поддршка од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Гласовите на етничките Македонци можат да бидат одлучувачки во вториот круг на локалните избори ако се знае дека поради составот на населението таму речиси сигурно ќе се најдат двајца кандидати Албанци.

За ДУИ како партија би било погубно да ги изгуби своите главни упоришта – Гостивар, Тетово и Чаир. Последните интерни анкети на ДУИ покажале дека Беса има поголем рејтинг од најмалку пет отсто, што дополнително оди во прилог на намерата на Ахмети да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервјуто на „ТВ Нова“ нагласи дека од ДУИ предизборното коалицирање го ставиле во контекст на локалните избори.

Освен што се изрази незадоволство за Законот за јазиците, излезе на површина уште една значајна работа – коалицирањето со ВМРО во светлина на локалните избори затоа што одредени градоначалници се плашат и треба да се плашат како ќе поминат на изборите. Дел од нив имаат причина да се плашат имајќи предвид што сработиле – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто.

Доколку лидерот на ДУИ не успее пред централното претседателство да го наметне своето мислење да се продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ, друга варијанта што се размислува е во мај покрај локалните да се одржат нови предвремени парламентарни избори, а дотогаш со работа на терен партијата да се обиде да ги поврати оние гласови што им ги одзеде СДСМ.