Републиканци и демократи, како и поранешни претседатели на САД во саботата во Вашингтон се простија од американскиот сенатор и ветеран од Виетнамската војна, Џон Мекејн, кој почина минатиот викенд, на возраст од 82 години. На погребот не беше поканет актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Трамп, кој предизвика контроверзии со своите постапки во врска со оддавањето почит на починатиот Мекејн, со кого долго беше во политички спор, вчерашниот ден го минал во својот голф-клуб во Вирџинија. Трамп првично неделава одби да издаде наредба да се спуштат знамињата на половина копје, а во 2015 година, во рамки на политичката расправа, рече дека Мекејн не е воен херој, бидејќи бил заробен, а, како што кажа тогаш, на него му се допаѓаат луѓе кои не се заробени.
Инаку, Трамп избегнувал да служи војска за време на Виетнамската војна.
Од Мекејн во саботата се простија и поранешните претседатели, демократот Барак Обама и републиканецот Џорџ Буш, како и членови на двете партии, кои во време на длабоки политички поделби во САД, во текот на комеморацијата стоеја веднаш до сандакот.