дома Македонија ТУНТЕВ ЈА НАПУШТА ПРАТЕНИЧКАТА ФУНКЦИЈА: Координаторот на пратеничката група на СДСМ е...

ТУНТЕВ ЈА НАПУШТА ПРАТЕНИЧКАТА ФУНКЦИЈА: Координаторот на пратеничката група на СДСМ е пред оставка?!

Томислав Тунтев ја напушта пратеничката функција и ќе директорува со Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. Високи извори од СДСМ за Телма велат дека тој веќе ги поднел документите и аплицирал за директор, која е една од најпривилегираните функции, имајќи ја предвид висината на платата која се движи околу 2.000 евра.

Тунтев не одговараше на телефонските повици. Неговите сопартијци не откриваат кој ќе биде  новиот координатор на пратеничката група. Се уште се прават внатрепартиски консултации а неговата функција привремено ќе ја извршуваат заменик координаторите Јован Митрески и Соња Мираковска.

Томислав Тунтев има завршено технички факултет во Битола. Претходно тој ги отфрлаше како шпекулации наводите дека ќе си замине од Законодавниот дом и дека има амбиции да застане на чело на Агенцијата. Според надлежностите иако оваа aгенција е финансиски и функционално независна од другите државни органи, за својата работа сепак одговaра пред Собранието.

Нејзин актуелен директор е Горан Јандреоски. Платата му е утврдена со менаџерски договор и таа е неколкукратно поголема од просечната плата во државата. Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба важи за една од најатрактивните институции за вработувања поради високите плати кои се движат од 23.000 денари за хигиеничарка до 100.000 за шефови и контролори.