дома Актуелно УСТАВНИОТ СУД ДА ЈА ПОНИШТИ ОДЛУКАТА: СМК испрати претставка до Уставниот суд...

УСТАВНИОТ СУД ДА ЈА ПОНИШТИ ОДЛУКАТА: СМК испрати претставка до Уставниот суд за поништување на одлуката за избор на претседател на Собранието!

Светскиот Македонски Конгрес денес поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за поништување на Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија објавена во денешниот број на Службен весник број 53/2017.

 

Во согласност со Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, а врз начелата на приоритет и итност, во согласност со членот 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, Светскиот Македонски Конгрес до донесувањето на конечната одлука, од Уставниот суд побара да ја поништи Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, а до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оваа Одлука, поради ризик од натамошно вршење на кривични дела од Кривичниот законик: велепредавство (член 305), терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313), злоупотреба на службената положба и овластување (член 353), лажно претставување (член 391) и самовластие (член 392).

Со одлуката за избор на претседател на Собранеито на Република Македонија, потпишана од неовластено лице Горан Мисовски со лажно претставување како “заменик претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија“ се прекршуваат 4 одредби од Уставот, 7 одредби од Законот за Собранието и 30 одредби од Деловникот на Собранието. Со одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија извршени се пет кривични дела од Кривичниот законик.

Одлуката за избор на претседател на Собранието не е во согласност со членот 2, членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 63 став 1 од Уставот на Република Македонија, членот 17 став 4, членот 18, членот 32 став 1, членот 37, членот 39, членот 40 и членот 43 став 4 од Законот за Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 104/2009) и Глава II Конституирање на Собранието, членот 9, членот 10, членот 19, членот 20, членот 22, членот 23, членот 24, членот 25, членот 26, членот 30, членот 32, членот 68 став 4, членот 71, членот 79, членот 80, членот 81 став 5, членот 84, членот 85, членот 91, членот 95, членот 96, членот 97, членот 104, членот 105, членот 106, членот 107, членот 172, членот 174, членот 235 и членот 236 од Деловникот на Собранието.

Во врска со надлежноста на Уставниот суд, Одлуката за избор на претсдател на Собранието е општ пропис, за којшто Уставниот суд е надлежен да одлучува и да ја оценува неговата согласност со Уставот и Закон.

Врз основа на своја Одлука У.Број 104/2016-0-1 од 25 мај 2016, Уставниот суд ги поништил Одлуката за распуштање на Собранието од 18 јануари 2016 и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието, од 23 февруари 2016. Со тоа Уставниот суд создал пракса за утврдување на општ пропис за кој е надлежен, за разлика од поединечен акт за којшто не е надлежен да решава.

Уставниот суд веќе утврдил, дека тргнувајќи од членот 108 од Уставот на Република Македонија, каде е уредено дека Уставниот суд на Република Македонија е органот кој ја штити уставноста и законитоста, Судот е единствениот орган во уставниот систем на Република Македонија кој има неприкосновена надлежност за оценување на овие принципи. Имајќи ја предвид и надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, Уставниот суд веќе утврдил дека за ваквиот тип на одлуки (акти) како што се Одлуката за распуштање на Собранието од 18 јануари 2016 и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016, Уставниот суд треба да одлучи дека се пропис, подобен за уставно-судска оцена.

Одлуката за избор на претседател на Собранието, како и Одлуката за распуштање на Собранието, има карактер на пропис, бидејќи ваков вид на одлука има универзално дејство и посредно се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник на Собранието, односно ним им го пренесуваат мандатот, но и суверенитетот за Собранието да решава, односно одлучува во нивно име, од каде произлегува дека оспорената одлука е подобна за уставно-судска оцена.

Имајќи предвид дека претседателот на Собранието ги распишува изборите за претседател на Републиката, а актот за распишување на изборите се објавува во “Службен весник на Република Македонија”, дека претседателот на Собранието ги распишува изборите за пратеници во Собранието и дека претседателот на Собранието ги распишува локалните избори за членови на советите на општините и градоначалниците, неспорно е дека Одлуката за избор на претседател на Собранието е општ пропис подобна за уставно-судска оцена.

Истовремено, не е незанемарлив и членот 82 став 1 од Уставот кој гласи: “Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.“ Значи и членот 82 од Уставот наведува дека е неспорно: Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија е општ пропис подобна за уставно-судска оцена.

И во членот 39 од Законот за Собранието, недвосмислено е наведено дека “Законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”. Значи и со членот 39 од Законот за Собранието, неспорно е, дека Одлуката за избор на претседател на Собранието е општ пропис подобна за уставно-судска оцена, бидејќи се објавува во Службен весник на Република Македонија!

Истовремено, во членот 174 став 1 од Деловникот на Собранието е определено дека “Законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”. Значи, повторно и со членот 174 од деловникот на Собранието, неспорно е, дека Одлуката за избор на претседател на Собранието е општ пропис подобна за уставно-судска оцена, бидејќи се определува како општ пропис и се објавува во Службен весник на Република Македонија!

Одлуката за избор на претседател на Собранието не е поединечен акт за чија оценка на уставноста и законитоста не е надлежен Уставниот суд. Напротив, Одлуката за избор на претседател на Собранието е општ пропис подобна за уставно-судска оценка!

– Очекувам Уставниот суд да ја поништи одлуката за избор на претседател на Собранието којашто е општ пропис, а во спротивност со Уставот, Закон и Деловникот, и до донесувањето на конечната Одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука. Уставниот суд е надлежен да одлучува по одлуката за избор на претседател на Собранието, а Собранието треба да продолжи таму каде што застана конститутивната седница со легитимниот претседавач односно претседателот на Собранието од претходниот состав, на 27 април годинава, – изјави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.