дома КОВИД-19 (Коронавирус) Филипче спиеш ли мирно – над 100 илјади граѓани заразени од вирусот

Филипче спиеш ли мирно – над 100 илјади граѓани заразени од вирусот

Утрешната статистика на бројот на заболените од корона вирусот речиси извесно ќе покаже дека во Македонија ќе биде надмината бројката од 100.000 граѓани кои се заразиле со вирусот. Денешната статистика со 509 новозаразени во изминатово деноноќие вкупната бројка ја искачи на 99.917 инфицирани граѓани, што значи дека за исполнување на бројката од сто илјади заразени недостасуваат само уште 83 утврдени инфекции.

Ова е биланс кој што е многукратно поголем од прогнозата која ја дадоа на почетокот на пандемијата во нашата земја на 26 февруари минатата година министерот за здравство Венко Филипче и главниот епидемиолог Жарко Караџовски кои прогнозираа две-три илјади заболени и околу 150 починати лица.

Во текот на изминативе дванаесет месеци бројот на инфицираните и починати лица постојано се зголемуваше. Најголем број на новозаразени лица беше забележан 11 ноември минатата година кога со опасниот вирус се заразиле дури 1.321 лице. Најтрагичен ден, пак, беше 28 ноември кога починаа дури 41 пациент.

Деновиве бројот на новозаболените пак почна да расте. Во изминативе десетина дена просечно се движеше од 250 – 350 лица, а денеска беше соопштено дека во изминатово деноноќие имало 509 нови случаи од 2.813 тестирани лица. Сето тоа отвора прашањето дали се заканува некој нов бран на вирисот? Министерот за здравство Венко Филипче деновиве предупреди дека позаразниот британски сој на вирусот се повеќе се шири и во Македонија.

Половина од новозаразените со ковид-19 во Македонија имаат од британската мутација на вирусот, рече тој.

Очигледно е дека во наредниве недели ќе биде потребна поголема претпазливост, бидејќи вакцините се уште не се стигнати иако одамна се ветени.