April 25, 2024, 12:14 am

(Фото) Cocтojбaтa co пoжapитe нajкpитичнa вo Мaлeшeвиjaтa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Пожарите не стивнуваат, а најкритична е состојбата во пехчевско и беровско. Постои закана, огнот да се прошири и кон Бугарија. На тој потег со пожарите се борат над 350 луѓе, но ветрот им ја отежнува работата. Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви и необработливи површини, се сечат дрвја се со цел да се спречи понатамошното интензивно ширење, информираат од ЦУК.

Вчера доцна попладнето беа испратени три хеликоптери од кои еден македонски и два српски кон беровското село Мачево, каде ситуацијата со пожарот беше многу критична и имаше опасност огнот да зафати неколку куќи.

– Хеликоптерите ќе продолжат да дејствуваат во овој реон (пехчевско/делчевско/беровско) сè додека има доволно дневна светлина, објави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на „Фејсбук“.

Тој подоцна информира дека пожарот од реонот на Пехчево се префрлил и во беровско, каде гори борова шума над село Будинарци.

– Дежурни екипи со подршка на локалното население се распоредени околу село Будинарци, напиша вечерва директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на својот фејсбук профил.

– Селото е добро обезбедено со тампон-зона и соодветна механизација и опрема. Пред малку ветрот кој дува со променлива јачина, го смени правецот и сега огнот почна да се оддалечува од селото, додаде Ангелов.

Покрај локалното население во обезбедувањето на селото учествуваат и пожарникари со цистерни од локалната самоуправа, а во непосредна близина се наоѓаат и 45 австриски пожарникари со девет цистерни, како и дополнителна опрема и луѓе од „Национални шуми“.

Во целиот овој регион се концентрирани уште многу сили, а вчера попладне дејствуваа и три хеликоптери кои денеска рано наутро продолжуваат со гаснење на пожарот.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, вчера изјави дека за спас на селото Мачево биле вклучени голем број на луѓе, вклучително и противпожарни служби од Словенија, Австрија и Бугарија.

– Огнот е веднаш до асфалтот во селото и навистина без поголема поддршка истиот нема да бидеме во можност да го изгаснеме. Истовремено, пожар е активен и над село Будинарци и истиот се наоѓа на 500 метри воздушна линија, изјави Пекевски за МИА.

Тој додаде дека пламените јазици во Мачево вчера се префрлале од село Робово, кое беше меѓу најкритичните точки зафатени со пожарите во Малешевијата.

Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, вчера ги посети припадниците на Армијата во Оперативниот центар на Првата пешадиска бригада во село Тработивиште, Делчевско, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја од пожарите во државата.

Пендаровски рече дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.

– Ние имаме околу 250 војници на Армијата на Република Македонија, кои ќе останат тука додека има потреба. Ако има потреба ќе донесеме и повеќе луѓе. Мислам дека во овој момент, во таа човечка смисла, сме добро екипирани, имаме поддршка и од други институции, се разбира, не е само Армијата, и со заеднички напори мислам дека ја држиме ситуацијата под контрола се додека тоа е неопходно, додаде  Пендаровски.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, ја нагласи важноста од укажаната помош и поддршка од Бугарија, Словенија, Австрија и Србија.

Во државата од 2 август избувнаа петнаесетина поголеми пожари. Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски изјави дека времето и условите за гаснење на пожарите се исклучително тешки. Според него, како исклучително тешки се уште остануваат пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион – Нов Иствник, Пасјак, Трботивиште и Разловци.

– Јачината на ветерот е 60 километри на час и сето тоа отежнува и придонесува да не може да се дејствува и да се спречи пожарното дејство, изјави Стојановски, кој потенцира дека исклучително тешка е состојбата и во Пехчево и се дејствува во месноста викана Бајаз Тепе, Црник, Мачево.

Тој нагласи дека на тој потег дејствуваат некаде над 350 луѓе, потпомогнати масовно од локланите жители на Пехчево, но состојбите се уште не се под контрола.

– Можно е пожарот да избега во правец на Република Бугарија. Со сигурност не можеме да кажеме. Правиме напори за вклучување на дополнителни хеликоптери за да можеме барем тој појас да го заштитиме и оневозможиме продирање на просторот на територија на Република Бугарија, вели Стојановски.

Потешки пожари, на непристапни места, има и во Прилепско кај селата Дрен и Смолани. Огнот кај Топлица, како што информира ЦУК, се држи под контрола и очекувањата беа до синоќа да се неутрализира целосно.

Стојановски соопшти дека се изгаснати пожарите во кумановско Бељаковце, во Валандово, Погана и Ранковце.

Мапа на активни и локализирани пожари вчера до 17 часот според податоци од Центарот за управување со кризи.

Вчера доцна попладе, во 17:30 избувна нов пожар во непосредна близина на населната Дурутовец, кај автопатот Велес-Штип во близина на велешката Градска депонија за комунален смет. На 15 пожарникари ветрот им ја отежнуваше борбата со огнената стихија, но тие сепак успеаја да го изгаснат пожарот околу 21 часот.

Пожарите во штипскиот регион се локализирани. Пожарникарите кои интервенираа во селото Доброшани веќе се повлечени, изјави вчера за МИА командирот на смена во ТППЕ-Штип, Пане Тимов.

Пожарот започна завчера попладнето од светиниколското село Богословец и во текот на ноќта се рашири во правец кон селото Доброшани, каде што веќе е локализиран. Во селото Богословец изгореа стари куќи, земјоделска механизација, зафатена е голема површина на сува трева и помала пoвршина борова шума.

Вчера, по писмено барање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска до нејзиниот романски колега Николае Јонел Чука за итна помош во справувањето со пожарите, Романија донесе одлука да испрати авион за гаснење на пожари со поголем капацитет, соопшти Министерството за одбрана.

Ова е уште еден позитивен одговор од НАТО сојузничка земја, по реакцијата на министерот за одбрана на Словенија која испрати пожарникари и противпожарни возила во опожарените подрачја низ Македонија и по помошта што ја испрати соседна Бугарија, стои во соопштението од Министерството за одбрана.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на нејзиниот официјален фејсбук-профил изрази благодарност до пожарникарите, војниците, волонтерите и локалното население вклучени во гасењето на пожарите кои зафатија делови од земјава со порака за будно следење на состојбата и почитување на упатствата од власта.

– Тажни од ужасните слики од пожарите низ целата земја. Наша благодарност до пожарникарите, војниците, волонтерите и локалните заедници за нивните храбри напори. Тие се вистински херои. Ве молиме, бидете будни и следете ги упатствата од властите, напиша на Фејсбук амбасадорката Брнз.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This