дома Македонија ХАШИМ ТАЧИ ДОКТОРИРАШЕ НА ШТУЛ: Албанците од Косово биле заслужни за титулата...

ХАШИМ ТАЧИ ДОКТОРИРАШЕ НА ШТУЛ: Албанците од Косово биле заслужни за титулата која Тачи ја добил во Македонија?

Сенатот на Тетовскиот универзитет одлучи на косовскиот претседател Хашим Тачи да му додели титула почесен доктор на науки, јави Мета.

Титулата на свечена церемонија му ја додели ректорот на универзитетот во Тетово, Вулнет Амети. Тачи изјави дека е горд на признанието, за кое, како што рече, биле заслужни сите Албанци од Косово.

„За добивањето на оваа титула не сум заслужен само јас, туку и сите Албанци од Косово. Со оваа титула, ме направивте мене и целиот албански народ кој живее во Косово горди. Сакам да ги поздравам и Албанците од Македонија, посебно елитата која на времето студираше на универзитетот во Приштина. Меѓу нив се и лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои се лидери на албанскиот народ во Македонија и на кои сум посебно горд, поради нивните политики за што побрзо зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија“, изјави Тачи.

Ректорот Амети рече дека Тачи ја заслужил оваа титула поради неговите залагања и политики за демократизација на косовското општество.

„Косовскиот претседател Хашим Тачи многу придонел за демократизацијата на институциите во Косово. Тој придонел и за приближување и зачленување на Косово кон голем број на меѓународни организации, но и за признавањето на Косово од голем број држави“, изјави Амети.

На церемонијата присуствуваа лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети, повеќе министри од ДУИ, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ректорите на повеќе универзитети од Македонија, Косово и Албанија како и голем број на студенти и професори.