Најгорливо е тоа што, всушност, за формирање влада, односно владина платформа, сега основата не е на ВМРО-ДПМНЕ како најмногубројна, на СДСМ како следна, туку на ДУИ. Всушност, однадвор гледано, мандатар е ДУИ. Ако се согласувате со оваа констатација, прво како ги оценувате барањата во неа и како стигнавме таа платформа да биде претставена како „иднината“?
ЦУЦУЛОВСКИ: Прашувате како се стигна до тоа платформата на албанските партии да претставувa, за некои, единствен пат кон иднината. Меѓутоа, суштинското прашање е кон чија иднина. На Република Македонија и на сите нејзини граѓани или само на еден мал дел од одредена етничка заедница? Оваа платформа стана доминантна, односно ѝ се наметна на македонската политичка јавност поради несфатливиот раздор меѓу двете македонски партии. Така, 20 пратеника станаа помоќни од 100 пратеника. Ова е далеку од умот, но е блиску до трагичната практика, според која мора да се коалицира со некоја од албанските партии – најчесто победничката. Сега, токму оваа практика ѝ се удира од глава на ВМРО-ДПМНЕ. Утре, во некоја друга ситуација, ќе му се удри од глава и на СДСМ. Едноставно, барем според моето мислење, се нема ум за подолгорочна визија за државата, како и за интересот на сите нејзини граѓани.
Дел од интервуто на професорот Љубомир Цуцуловски објавено во 233 број на неделникот „Република“, 17 февруари 2017 година.