March 29, 2024, 11:00 am

Човештвото ќе погледне во минатото: Најмоќниот сателит на НАСА досега – ќе орбитира околу сонцето

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Наскоро ќе биде лансиран најмоќниот телескоп направен досега кој ќе ни помогне да сфатиме како се создале првите ѕвезди и галаксии, но и да откриеме многу за мистериите на нашиот универзум.

Астрономите, како и љубителите на астрономијата, со нетрпение го очекуваат лансирањето на телескопот Џејмс Веб кој има потенцијал засекогаш да ги промени нашите знаења за универзумот.

Овој телескоп ќе може да погледне подалеку од кој било друг, дури и добро познатиот Хабл, а експертите се надеваат дека ќе открие како се формирале првите ѕвезди во универзумот.

Едноставно кажано, телескопот Џејмс Веб ќе може да погледне во минатото и да ни покаже како се родиле првите ѕвезди и галаксии.

Ова е најмоќниот, но и најскапиот телескоп направен досега – мисијата чини 10 милијарди долари.

Зошто се вика Џејмс Веб?
Телескопот е крстен по Џејмс Веб, вториот администратор на НАСА кој бил на функција од 1961 до 1968 година.

За јавноста, Џејмс е најпознат по мисијата Аполо со која човекот стапна на Месечината, а од НАСА сметаат дека тој е личноста која направила повеќе за Агенцијата и науката од кој било друг на слична позиција.

НАСА обично ги нарекува леталата, мисиите и слично според научници, а не бирократи како Џејмс Веб, па името предизвика контроверзии и постоеше можност да се смени.

Но, поради уделот на Џејмс, сегашниот администратор на НАСА одлучи името да остане.

Колку време се работи на овој проект и зошто чини толку многу?

Инженерите работат на телескопот Џејмс Веб 30-тина години и велат дека ова е проект за којшто не смеат да си дозволат неуспех.

Бидејќи телескопот ќе се наоѓа на огромно растојание од Земјата, поправките нема да бидат возможни, барем не со сегашната технологија, па буквално секое делче од него е тестирано илјадници пати во изминативе три децении.

Поради ова, телескопот достигна цена од неверојатни 10 милијарди долари.

Џејмс Веб ќе биде многу помоќен од Хабл кој беше лансиран во 1990 година и неговите огледала, кој се најважниот дел, се дупло поголеми.

Огледалото на Џејмс Веб е всушност најголемото огледало што ќе биде испратено во вселената и има дијаметар од 6,5 метри. Направено е од берилиум, а горниот слој од злато.

Огледалото го сочинуваат 18 хексагонални делови кои ќе бидат контролирани со над 100 мотори.

Задачата на големото огледало е да ја детектира светлината од далечно небесно тело. Бидејќи е позлатено, ќе може да детектира и инфрацрвена светлина.

Оваа светлина ќе се фокусира во секундарното огледало кое потоа ќе ја испрати до инструментите кои треба да произведат слика.

Телескопот е соработка помеѓу НАСА и Европската вселенска агенција, а деловите се направени од неколку различни компании.

Каде ќе се наоѓа телескопот и што се очекува да ни покаже?

Сите телескопи на Земјата се соочуваат со исти проблеми – светлината и земјината атмосфера.

Бидејќи атмосферата содржи влага, сигналите што допираат до телескопот можат да бидат замачкани и искривени. Светлината, пак, го намалува интензитетот на ѕвездите и небесните тела што се набљудуваат.

Одлично решение за ова се вселенските телескопи – како Хабл и Џејмс Веб.

Џејмс Веб ќе се наоѓа многу подалеку од Хабл, односно на растојание од 1,5 милиони километри од Земјата. На ова растојание се наоѓа точка (L2) каде што гравитационите сили на Земјата и Сонцето се изедначени.

Телескопот нема да орибитира околу Земјата, туку околу Сонцето.

Како што напоменавме, телескопот ќе може да детектира и инфрацрвена светлина, поради што ќе може да гледа многу подалеку во вселената.

Светлината што ја емитувале првите ѕвезди и галаксии, кога универзумот бил само неколку стотици милиони години стар, веќе е претворена во инфрацрвена. Телескопот ќе ја детектира токму оваа светлина, што значи ќе ни овозможи да погледнеме во минатото.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This