Шведска подготвува брошура за тоа како да се постапува во случај на криза вклучувајќи и војна, а прирачникот преку пошта ќе биде дистрибуиран до 4,8 милиони домаќинства.
Материјалот ќе биде дистрибуиран за време на Неделата за подготовка за итни реакции од 28 јуни до 3 јули. Брошурата исто така ќе биде достапна и во електронски формат на шведски, англиски и на десетина други јазици, објави новинската агенција АП.
Брошурата исто така ќе има информации за тоа што треба да содржи една кутија за вонредни ситуации како, на пример, конзервирана храна, а граѓаните се советуваат да имаат и пари во готово во случај банкоматите да не работат, како и телефонски броеви од службите за итна помош.
Инаку, последниот ваков прирачник во Шведска бил издаден во 1961 година во екот на Студената војна. И покрај тоа што Русија не се спомнува во текстот, шведски високи функционери стравуваат од напад во случај на отворен конфликт со НАТО.
Иако Шведска нема копнена граница со Русија, двете земји имаат излез на Балтичкото Море, а Москва има военоморска база во Балтијск во областа на Калининград. Шведска не војувала со никого повеќе од 200 години од војната со Норвешка во 1814 година, а за време на двете светски војни била неутрална.