дома Македонија Шефот на грчката дипломатија утре доаѓа во Скопје: Предвидено е да се...

Шефот на грчката дипломатија утре доаѓа во Скопје: Предвидено е да се разгледаат можностите за унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји

Министерот за надворешни работи на Хеленската Република, Никос Дендиас, утре ќе престојува во официјална посета на Република С Македонија, во рамки на која ќе има средба со неговиот домаќин шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Како што соопшти МНР, на средбата е предвидено да се разговара за билатералните односи, за политичката и економска соработка, како и за европската перспектива на нашата земја и регионот.

Исто така, се додава, предвидено е да се разгледаат и можностите за унапредување на политичкиот дијалог меѓу двете земји, во светло на имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор.

Дендиас во ексклузивна изјава за МИА во пресрет на неговата утрешна прва посета на Скопје изрази силна поддршка за европската перспектива на С Македонија. Тој открива дека Грција работи на преземање конкретни иницијативи, со цел ЕУ да даде зелено светло за нашата земја, а при тоа изразува и силната поддршка за европската перспектива и на целиот Западен Балкан, политика која, како што вели, преку Солунската агенда, Атина ја вовела во приоритетите на Европската унија.