March 28, 2024, 10:23 am

Што кога Земјата би престанала да се врти?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Можеме да пресметаме колку брзо се врти Земјата, но таа брзина се менува како што се движите кон северниот или јужниот пол.

За да одговорите на прашањето колку брзо се врти Земјата, треба да знаете две работи: 1. колку време е потребно за да се направи целосен круг и 2. обемот на Земјата. Времето што е потребно за Земјата да се сврти за сонцето да се појави во истата положба на небото, познато како сончев ден, е 24 часа. Меѓутоа, времето што е потребно за Земјата да заврши една целосна ротација околу својата оска во однос на далечните ѕвезди, всушност е 23 часа 56 минути 4,091 секунди, познато како ѕвезден ден.

Со овие информации, за да откриеме колку брзо се врти Земјата, нам ни треба само обемот на нашата планета. На екваторот, нејзиниот обем е приближно 40.075 километри, така што делењето на оваа цифра со должината на денот значи дека, на екваторот, Земјата се врти со брзина од околу 1.670 километри на час.

Сепак, оваа брзина на вртење не е иста низ целата планета. Како што се движите на север или на југ, обемот на Земјата станува помал, така што брзината на вртење се намалува и станува најмала на половите. И сето ова не е ништо во споредба со 107.000-те километри на час со кои Земјата орбитира околу Сонцето.

Ако патуваме толку брзо низ вселената, зошто не можеме да го почувствуваме тоа?

Едноставно кажано, како што Земјата се врти со константна брзина, така се врти и сѐ на неа. Патувањето со иста брзина значи дека не можеме да го почувствуваме вртењето. Тоа е како да возите автомобил. Иако се движите, не сте свесни за брзината затоа што е константна. Само кога ја менувате брзината, забележувате дека патувате, како кога стискате на гасот или нагло закочувате.

Промена на брзината се случува и тука на Земјата, но тоа е премногу бавно за да се забележи. Пред милиони години, еден ден на Земјата траел околу 22 часа, а брзината на Земјата се намалува повеќе од милијарда години, додека деновите се зголемуваат за околу 2 милисекунди секој век.

Ова забавување е предизвикано од триење создадено од океанските струи, плимата и ветерот на површината на Земјата. Сепак, глобалното затоплување може повторно да ги забрза работите. Како што се зголемува нивото на морето, оваа промена на масата може да резултира со побрзо вртење на Земјата и намалување на должината на секој ден за 0,12 милисекунди, што би имало драматични ефекти врз калибрирањето на атомските часовници и ГПС-системите.

Што кога Земјата би престанала да се врти?

Без огромна надворешна сила, ова е невозможно. Но ако Земјата престане да се врти, атмосферата ќе продолжи да се врти со брзината на вртењето на Земјата, така што сѐ што не е фиксирано на површината, вклучувајќи ги и дрвјата и зградите, ќе биде збришано од силните ветрови.

Секоја страна на планетата ќе добива шест месеци постојана сончева светлина и шест месеци темнина. Без центрифугалната сила на вртењето, океаните постепено ќе се придвижат кон половите, создавајќи огромен суперконтинент низ екваторот.

Но ние не би биле исфрлени од Земјата. Нас гравитацијата и центрифугалната сила на Земјиното вртење нѐ држат на земја. За да се чувствуваме бестежински, центрифугалната сила ќе треба да се зголеми. На екваторот, Земјата треба да се врти со 28.437 километри на час за ние да бидеме кренати во вселената, вели Њу саентист.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This