дома Македонија ЈОХАНЕС ХАН СЕ СРЕТНА СО ЗАЕВ: Земјата треба поенергично да продолжи со...

ЈОХАНЕС ХАН СЕ СРЕТНА СО ЗАЕВ: Земјата треба поенергично да продолжи со спроведување на реформи

Вие можете да бидете модел за регионот ако има конкретна имплементација за наредната фаза во односите со ЕУ. Сега фокусирајте се на имплементацијата на тоа што е сторено досега, на новите законски измени, му порача еврокомесарот Јоханес Хан на македонскиот премиер Зоран Заев предавајќи му го Извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграциите.

Премиерот Зоран Заев се заблагодари за чистата и неусловена препорака за преговорите со ЕУ и најави дека следува нов план на тој пат за да се дојде уште во јуни до одлуката за датум за членство во ЕУ.

Владата уште поенергично ќе ги води реформските процеси за во јуни да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. На еврокомесарот утрово му го најавив новиот план за реформската динамика до 2018 години поврзан со имплементацијата на она што досега е направено.

Република Македонија го исполнува основниот критериум за членство во ЕУ. Ние сме за европска Македонија и промена на досегашната стагнација со проактивни политики за движење напред. Реформските решенија се насочени кон ефикасно судство и доверливо изборно законодавство. Ќе продолжиме заедно со опозицијата и со граѓанскиот сектор да ги носиме одлуките за сите други стратегиски одлуки. Тука мислам и на решението за спорот за името. Европските перспективи на Македонија носат квалитетен живот, а обединета Европа носи стабилен и безбеден регион- рече Заев.

И Јоханес Хан го изрази своето задоволство од досега постигнатото во Македонија и од неусловената препорака.

Земјата и граѓаните ја заслужија безусловната препорака. Членките на ЕУ го признаа сработеното. Овде сум за да ги најавам долгоочекуваните добри вести, да го прославиме успехот по долгите напори за надминување на кризата. Земјата помина долг пат и покрај многуте искушенија и сега е цврсто назад на европскиот пат. Има позитивна промена, обновено чувство на отвореност, енергија и надеж. Се чувствуваат добрите вибрации во земјата и тоа треба се надградува- вели Хан.

Еврокомесарот истакна дека Македонија е пример за демократска промена во регионот и оти е импресиониран од направеното во однос на итните реформски приоритети.

Искрено ви честитам вам, на Владата, Парламентот и на опозицијата за поддршката на оваа национална цел-рече Хан на денешната заедничка конференција за медиумите.

Тој порача дека реформите не треба да застанат тука, туку да продолжат, особено во судството.

Нема простор за задоволство. Моментумот на реформите треба да продолжи. Независноста на судството не може да се достигне само преку легислативата, неопходна е и имплементација. Има одлична програма, но сега треба сето ова да се имплементира. Тука сметаме на вас и на вашата одлучност. Вие можете да бидете модел за регионот ако има конкретна импелменатација за наредната фаза на нашиот однос. Сега фокусирајте се на имплементацијата на тоа што е договорено за да може поединецот да ја види вредноста на европската перспектива-рече Хан.