дома Политика ЌЕ ГО ПАЛИ СОБРАНИЕТО, АМА ОТКАКО ЌЕ СТАНЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИСТОТО: СДСМ...

ЌЕ ГО ПАЛИ СОБРАНИЕТО, АМА ОТКАКО ЌЕ СТАНЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИСТОТО: СДСМ не негира дека му нудат претседател на Собрание на Села!

Социјалдемократскиот сојуз не демантира дека на претседателот на „Алијансата на Албанците“, Зијадин Села, кој изминатите денови излезе со скандалозна изјава во која го негира македонскиот идентитет, му било понудено да биде претседател на Собранието на Република Македонија за време на преговорите меѓу двете партии, пишува Дневник.

Дека добил таква понуда кажа самиот Села, пред да ја даде скандалозната изјава.

Од партијата за „Дневник“ не негираат дека нивниот лидер Зоран Заев му ја ставил на маса на Села ваквата понуда, ами дека за претседателската функција во Собрание „с` уште разговарале со албанските партии“ . На прашањето дали е во ред прв собраниски човек да биде тој што отворено изјави дека „историски факт што го знае целиот свет е дека со пописот од пред 100 години не постои македонски народ“, од СДСМ кусо одговорија:

– Прашањата за сите кадровски решенија с` уште се отворени, ниту за функцијата претседател на Собранието ниту за другите с` уште не е конечно одлучено, велат од партијата.

Иако директна осуда за потенцијалниот партнер во евентуалната нова влада СДСМ не даде, сепак од партијата велат дека пораката на Заев од пред некој ден, во која повикува да се внимава што се зборува јавно за да не се провоцираат тензии, претставувала своевидна осуда. На новинарско прашање дали му е пријатно воопшто да се ракува со Села по неговите јавно изразени ставови, Заев тогаш одговори:

– Јас на некаков начин секогаш изразувам негодување за изјави кои дали се дадени осмислени или лекомислени провоцираат одреден немир кај граѓаните, без разлика од која страна доаѓаат. Можам да апелирам до сите да внимаваат на изјавите затоа што и така времето во кое живееме е економски тешко, неизвесност има кај секое семејство кај секој граѓанин и дополнителни провокации не му требаат никому. Ние сме граѓани на оваа наша земја. Можеби припаѓаме на различни етнички заедници во Македонија, но токму ние мора да водиме грижа за Република Македонија. Затоа, еве апелирам до сите да внимаваат со изјавите. Во овој период се добредојдени изјави кои ќе н` носат кон сплотување, кон обединување и нормализирање, пред с` на институциите на Република Македонија, за Македонија да може да продолжи да чекори напред, рече Заев.

Извори од „Бихаќска“ за „Дневник“, пак, брифираат оти имало и одделни реакции од членови на СДСМ кои реагирале до раководството поради изјавите на Села, барајќи да се прекинат разговорите со неговата партија.

– Изјавите на Села ~ наштетуваат на стратегијата за состав на идната влада, односно се во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Со ваквите пораки Села покажува дека одработува во корист на спротивната страна, велат нашите извори.

Kритика на адреса на СДСМ стигна и од партијата предводена од Никола Груевски. Во своето последно соопштение ги критикуваат СДСМ и Заев дека не ги осудиле изјавите на Села и оти со тоа ја одобрувале неговата агенда. Во меѓувреме, партијата повтори дека останува на својата принципиелна понуда да му даде поддршка на Заев да формира влада ако СДСМ се откаже од тиранската платформа. Оттаму му порачуваат на Заев „ако толку ја почитува, да излезе на избори со платформата од Тирана како негова изборна програма“.

На ова соопштение стигна писмена реакција од СДСМ, во која порачуваат дека ќе има конститутивна седница, мандат за составување влада и нова реформска влада, која, како што велат, ВМРО-ДПМНЕ е должна да ја прифати.