дома Свет „Ќе се вратам“: Трамп им порача на Американците дека повторно ќе се...

„Ќе се вратам“: Трамп им порача на Американците дека повторно ќе се врати

Во прошталниот говор во базата Енрос во Мериленд, американскиот претседател во заминување Доналд Трамп им се заблагодари на своите приврзаници, ветувајќи им „враќање во некоја форма“ и на идната администрација на демократот Џо Бајден и посака „многу среќа и голем успех“.

„Мислам дека тие ќе бидат успешни, тие имаат ветување да направат нешто спектакуларно“, рече Трамп, кој никогаш не ги спомна Бајден или Харис во говорот.

Трамп ги пофали успесите на американската економија што беа постигнати под негова администрација, што тој го нарече „ракетен брод“ и оцени дека дури и глобалната пандемија не може целосно да го поништи тоа.

Американскиот претседател во заминување, исто така, ја пофали успешната работа со „одредени елементи на Конгресот“, истакнувајќи дека неговиот тим постигна многу, за што „никој не сметаше дека е можно“.

За време на својот проштален говор, претседателот ги истакна напорите направени за „обнова“ на американската војска и го поздрави создавањето на неговиот нов огранок, Вселенските сили, како „големо достигнување“ на неговата администрација.

„Создадовме нова сила, наречена Вселенска сила, што само по себе би било големо достигнување за редовната администрација. Ние не бевме редовна администрација“, рече Трамп.

Трамп изрази надеж дека претстојната администрација на Џо Бајден и Камала Харис нема да ги зголеми даноците. Трамп во текот на својата предизборна кампања постојано ги предупредуваше американските гласачи дека демократите можат да ги зголемат даноците за да плаќаат за сите иницијативи што планираат да ги покренат.