Талат Џафери денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија Емилио Лорензо Сера на која станало збор за тековните активности на Собранието во контекст на реформите за евроатлантските интеграции и имплементацијата на обврските од Договорот од Преспа.
Како што соопшти собраниската прес-служба, амбасадорот Лорензо Сера му честитал на Џафери за усвоените уставни измени кои го отворија патот на Република Македонија да може да продолжи со процесот на интегрирање во НАТО.
-Претседателот Џафери во текот на разговорот го информираше соговорникот и за тековните активности на законодавниот дом и го увери дека Собранието ќе продолжи до крај да ги исполнува обврските кои извираат од Договорот со Грција-се наведува во соопштението.
Амбасадорот Лорензо истакнал дека Кралството Шпанија има цврсти ставови за поддршка на Република Северна Македонија во нејзините стратешки цели да стане полноправна членка на Европската Унија и на НАТО заедницата.
Средбата се одржа во рамките на предвидените средби со амбасадорите на земјите кои веќе се членки на НАТО, стои во соопштението.