дома Европа Џихадистите повикуваат на напади по пазари и во болници во Европа

Џихадистите повикуваат на напади по пазари и во болници во Европа

Група којашто ја поддржува ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава ги повика ноќта во средата своите џихадистички приврзаници во божикниот период низ Европа да изведуваат напади на пазарите и во болниците, а муслиманите да стојат што понастрана од христијанските славења.

Оваа закана следува откако властите во многу европски земји ги зајакнаа до највисоко ниво безбедносните мерки по нападот со камиот на божикниот базар во Берлин вечерта на 19-ти декември, кога беа убиени 12 и ранети 48 луѓе, за што одговорноста ја презема Исламската држава.

Групацијата Nashir Media Foundation, којашто ја поддржува Исламската држава, ја објави својата порака на интернет, а пораката е опремена со фотографии на борци вооружени со автомати и ножеви, Дедо Мраз, елен и божикно дрво.

„Нивните славења, собири, клубови, пазари, театри, кина, трговски центри, па дури и нивните болници се совршена цел за вас“, се наведува во интернет пораката на исламистичките „Осамени волци“ во Европа, која ја цитира Reuters.

Во пораката било наведено и дека Исламската држава „ќе ги замени огнометите со појаси со експлозив и со експлозивни направи, па нивното пеење и ракоплескање ќе го претвори во плач и тагување“.