дома Македонија 3aeв пecимиcт за ЕУ: Најверојатно нема да започнеме преговори со Унијата

3aeв пecимиcт за ЕУ: Најверојатно нема да започнеме преговори со Унијата

Европската комисија не се откажува од стартот на преговорите со Македонија. По средбата меѓу премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија, Европската комисија останува на ставот дека двете страни треба да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за нивните билатерални проблеми, изјави за МИА портпаролката на ЕК за проширување, Ана Писонеро.

„Продолжуваме да се надеваме дека може да се постигне договор за преговарачката рамка наскоро со цел да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно побрзо“, посочи Ана Писонеро.

Премиерот Заев вели дека ниту една земја во светот не преговара за јазикот и идентитетот, па затоа тоа нема да го направиме ниту ние. Тој е оптимист, иако изјави дека постои можност да не се одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ.

Шефот на дипломатијата, пак, Бујар Османи изјави дека сѐ уште не може да каже каков ќе биде исходот од преговорите меѓу Скопје и Софија, но истакна дека Македонија ќе направи сѐ што е можно за достојно да ги претстави интересите на државата и во тие рамки да најде заедничко решение.

„Сѐ уште разговараме не можам да предвидам ништо, ниту да го прејудицирам исходот. Прашањето е премногу комплексно и чувствително, а периодот е прекраток. Нашиот пристап е дека ќе работиме до последната минута за да ги аргументираме прво нашите гледишта кон ова прашање, да ги приближиме различните очекувања“, вели Бујар Османи.

Според Османи решението е во враќањето на довербата во Договорот за добрососедство кој е гаранција за надминување на секоја разлика. На 17 ноември треба да се одржи Советот на министри на ЕУ, на кој ќе се разговара за проширувањето и на кој треба да се донесе одлука за усвојување на преговарачката рамка на ЕУ со Македонија. Но, Бугарија сега засега не попушта и вели дека не може да даде зелено светло сѐ додека не се постигне компромис околу јазикот, кратенката на името на државата и историските прашања.