Основниот суд Скопје 1 му изрече единствена казна затвор во траење од 8 години на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за злоупотреба на службената положба во случајот „Трезор“. Поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски е осуден на единствена затворска казна од 5 години, а исто толкава казна доби и екс помошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ.
Поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски доби единствена затворска казна во траење од 15 години. Обвинетиот според судот, се виновни за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија. Судијката Џенета Бегтовиќ нагласи дека обвинетите умислено ги сториле кривичните дела.
Судијката пред соопштување на пресудата нагласи дека уште еден предмет од СЈО доби завршница. Истата судијка му судеше на Мијалков и во случајот „Таргет-Тврдина”. За овој случај, Мијалков доби затворска казна во траење од 12 години. По пресудата за овој предмет, на поранешниот шеф на УБК му беше изречена мерка притвор која не смее да биде поголга од 2 месеци и која завршува на 26 април.